| четврток, 6 декември 2018 |

Грција под голем притисок од кредиторите

грција2

Грчката влада ќе мора да собере најмалку три милијарди евра преку дополнителни фискални мерки до крајот на 2015 година за да ги исполни минималните буџетски цели кои нејзините доверители ги сметаат за прифатливи, јави дописникот на МИА од Атина.

Со таквите буџетски кратења, примарниот буџетски суфицит во 2015 година би изнесувал повеќе од еден процент од домашниот бруто-производ (БДП), што е цел која вчера грчкиот министер за внатрешни работи, Никос Вуцис, ја нарече „прифатлива“.

Тој нагласи дека во преговорите со кредиторите еден од главните проблеми е примарниот суфицит.

– Ако тие инсистираат на 2,0 до 2,5 проценти примарен суфицит за 2015-2016 и 3,5 проценти суфицит во наредните години, наместо 0,8 до 1,0 проценти како што првично беше планирано, тоа ќе биде пречка во преговорите – рече тој.

Европската комисија прогнозира дека јавниот долг на Грција следната година ќе достигне 174 проценти од БДП, 15 отсто повеќе од нивото предвидено во февруари.

Грција веќе четири месеци преговара со своите меѓународни кредитори за реформите потребни за одблокирање на траншата во вредност од 7,2 милијарди евра од пакетот помош од ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). До постигнување на договор со доверителите, Атина останува без пристап до средства од пакетот.

Кабинетот на премиерот Алексис Ципрас вчера имаше маратонска седница која траеше до доцна во ноќта, на која била направена целосна проценка на тековните преговори меѓу Грција и нејзините партнери и опширно било разговарано за нивниот понатамошен тек. Владата го овластила преговарачкиот тим кој учествува во Бриселската група, денеска да ги продолжи преговорите со цел постигнување взаемно корисен договор, соопштија официјални извори.

Во меѓувреме, министерот за финансии Јанис Варуфакис изјави дека преговорите меѓу Грција и нејзините доверители сега се во „најтешка … несигурна ситуација“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top