| четврток, 6 декември 2018 |

Поглаварите на црквите и верските заедници со апел до сите: Трезвеност и одмереност во постапките

Поглаварите и претставници на црквите и верските заедници во Македонија испратија заеднички апел до сите граѓани во Македонија за трезвеност и одмереност во постапките, за достоинствено, правдољубиво, вистинољубиво и мирно решавање на сите проблеми и искушенија.

ggStefan

„Слободата за искажување на своето мислење, убедување и разбирање на нештата, е темелно демократско право. Но таквото право мора и треба да биде реализирано на мирен и достоинствен начин, во согласност со законските и моралните норми во општеството.

Нас, како верски лидери во Република Македонија, нѐ загрижува создадената атмосфера на страв и неизвесност, како и чувство на општа несигурност за животот и имотот на граѓаните. Решението на проблемите треба да се бара само преку мир и дијалог, преку почитувањето на правдата и достоинството на сите луѓе, и најмногу преку вистината.

За секој чекор во животот, треба да се размисли како треба да постапиме. Во овие моменти повеќе од потребно ни е цврстото единство, а не поделеноста. Да подадеме рака за помирување и воздржаност меѓу нас и да придонесуваме кон зачувувањето на мирот и соживотот на сите граѓани во нашата заедничка Татковина – Република Македонија.

Како цркви и верски заедници, повикуваме да престанат сите обиди за дестабилизација на нашата земја, нарушувањето на соживотот и верската кохезија, како и безбедноста на граѓаните“, се вели во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top