| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската филхармонија гостува во Кичево

filharmonija-2

Оркестарот на Македонската филхармонија предводен од маестро Борјан Цанев денеска ќе одржи концерт во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Кичево.

Филхармонијата ќе одржи дневен детски симфониски концерт, на чија програма е приказната „Петре и волкот“ од рускиот композитор Сергеј Прокофјев.

Симфониски концерти ќе бидат изведени и на 14 и 15 мај во домовите на културата во Штип и Свети Николе.

„Петре и волкот“ е неизоставен дел од репертоарот на сите симфониски оркестри, особено во театрите за деца. Свитата е напишана за наратор и оркестар, чии поединечни инструменти или групи инструменти ги претставуваат ликовите во приказната. На тој начин, младите слушатели се запознаваат со составот на оркестарот. На пример, во „Петре и волкот“ флејтата е птица, обоата е патка, кларинетот е мачка, фаготот е дедото, гудачките инструменти се Петре итн. Наратор е актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги води децата низ авантурите на Петре.

На 21 мај Македонската филхармонија ќе одржи целовечерен симфониски концерт во Домот на културата „Антон Панов“ во Струмица, каде ќе бидат изведени дела од Бах, Моцарт, Дворжак, Чајковски, Хачатуријан, Гуно, Елгар, Петровски. Солист на концертот ќе ќе биде македонскиот кларинетист Здравко Ангелов, кој за струмичката публика ќе ги изведе „Bay a glezele mashke“, традиционална „Клецмер“ музика за кларинет и гудачи и Адаџо за кларинет и гудачи од Рихард Вагнер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top