| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува Детскиот фестивал за слика и филм – BUFF 2015

Денеска во Скопје со проекција на филмската адаптација на бајката „Тајната на рубинот“ во режија на Феликс Фухсштајнер ќе почне четвртиот Детски фестивал за слика и филм – BUFF.

Во рамки на програмата ќе бидат прикажани филмови за деца и млади, наградени детски филмови од фестивалот Prix-Jeunesse во Минхен, ќе се одржат работилници, а ќе бидат прогласени и победниците на филмскиот натпревар за ученици на тема „Бескрајна приказна“.

– На Фестивалот за слика и филм BUF, минатата година, испративме виртуелно бувче на патување низ Германија. Повеќе од 700 ученици ги нацртаа и насликаа доживувањата на бувчето и ни ги испратија своите слики. Оваа година ѕвезда на нашиот фестивал е вистинско бувче. Тоа се вика Тито, но името не му е дадено по Јосип Броз, туку според латинското име на неговиот вид – Tyto alba, посочуваат организаторите.

Инаку, Тито е дама на возраст од околу шест години која живее со Ана Арсовска во Скопје. Ана многу се ангажира за заштитата на бувовите во Македонија и токму затоа, во рамките на Фестивалот за слика и филм, таа ќе одржи две работилници, на кои ќе биде присутен и Тито.

Во соработка со минхенскиот фестивал „Prix Jeunesse“, ќе се одржи работилница од областа на филмот и телевизијата на тема Пишување сценарија и „Storytelling“ за детски програми. Работилницата ќе ја води Регина Вернер од ZDF, експерт за детска програма.

Фестивалот се одржува во соработка со Канцеларијата на Гете Институтот во Скопје, минхенскиот фестивал „Prix Jeunesse“, невладината ОХО, Здружението за заштита на буфовите и Кинотеката на Македонија.

Сите филмови од филмската програма ќе бидат прикажани во Кинотеката на Македонија во оригинал со превод на македонски јазик. Тие се наменети за сите деца кои можат да го читаат преводот или разбираат германски.

Детскиот фестивал за слика и филм BUFF 2015 ќе се одржи од 11 до 19 мај во Кинотека на Македонија во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top