Ракометарките на Вардар попладнево против Будуќност, ќе го играат полуфиналниот натпревар во Лигата на шампионките.
Вардаровите ракометарки по втор пат во низа се на завршниот турнир, популарниот „Фајнал фор’’ во Будимпешта, каде се одржува завршницата на елитното натпреварување.
Како и лани, избраничките на Индира Кастратовиќ за противник ќе ја имаат екипата на црногорскиот шампион Будуќност, против кој сезонава одиграа два натпревари. Во рамките од првата фаза по групи Будуќност ја искористија предноста на домашниот терен и во Подгорица славеше победа со 23:17, додека во Скопје, дуелот заврши без победник 24:24.
„Имаме големо искуство од минатата година, сега сме многу поподготвени на сѐ што нѐ очекува. Девојките работеа напорно, сработија сѐ што се бараше од нив. Сите едвај чекаме да почне Ф4’’, изјави предводничката на вардарки Индира Кастратовиќ.
Воедно таа потенцира, дека лекцијата од минатогодишното деби на завршниот турнир е научена и дека овој пат ќе биде поразлично.
„Будуќност е една екипа која има големо искуство и квалитет, но мислам дека ние сме подобри од минатата година. Тогаш беше, можеби, сѐ некако бргу. Дојдовме до Ф4, малку беше сѐ еуфорично, но мислам дека сега сме многу поподготвени. Ја знаеме играта на Будуќност, последниов месец се подготвуваме специјално за нивната игра, нивната поцврста одбрана. Јас секогаш велам дека одбраната го добива натпреварот, а мислам дека моите девојки сега се многу подобри во тој дел. Знаеме како беше лани со Будуќност и продолженијата и целата драма и затоа сега влегуваме повнимателно. Мислам дека девојките се мотивирани и се подготвени за еден пекол во Будимпешта, за еден добар меч. Знам дека и овој пат нијанси ќе пресудат, но се надевам дека ќе биде во наша корист’’, дополни Кастратовиќ.
Мечот меѓу Вардар и Будуќност е вториот од полуфиналето, а ќе започне од 16 часот и 45 минути.
Во првиот полуфинален дуел кој на програмата е од 14 часот и 15 минути ќе се сретнат Ларвик (Норвешка) и Динамо Синара (Волгоград, Русија).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


