Во кино Фросина во МКЦ вечер ќе биде промовирана монографија за творештвото на македонскиот режисер Милчо Манчевски чиј уредник е филмската критичарка Марина Костова. Монографијата „Манчевски“ ќе биде промовирана на трибина на која за неговото творештвото ќе говорат актерката и продуцентка Лабина Митевска, филозофката Катерина Колозова и авторката Костова.
Книгата има 650 страници, и е своевидно сеопфатно резиме на досегашната кариера на уметникот. Содржи десет есеи за разновидни аспекти на неговото творештво од светски реномирани филмски теоретичари, филозофи и историчари на уметност. Во книгата се приложени и голема збирка продукциски белешки, сториборди, писма, рецензии и интервјуа, како и теориски размислувања и проза на самиот Манчевски.
Книгата ќе биде достапна бесплатно на трибината, како и на бесплатните проекции на филмовите „Мајки“ вечер во 21 часот и „Прашина“ утревече исто така во 21 часот во кино Фросина.
– Многумина го сметаат режисерот, фотограф, концептуален уметник и писател Милчо Манчевски за еден од најоригиналните и најиновативни уметници на денешницата поради уникатниот спој на експеримент, поетичност, емотивност и барање активно учество од гледачот во конструирање на значењето на делото. Неговиот опус е редок во светската кинематографија по уникатниот начин на игра со времето, просторот и емоциите“, вели авторката Костова
Промоцијата на монографијата е дел од манифестацијата „Снимај бе братучед, снимај – 4 дена со Милчо Манчевски“, во организација на Друштвото на филмски професионалци на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.