| четврток, 6 декември 2018 |

Сценариото на СДСМ почна негативно да се одразува врз туризмот

Влијанието од моменталната политичка состојба веќе почна негативно да се одразува врз туризмот, а само во последните денови резервирањето на странските туристи за посета на Скопје е намалено за повеќе од 50 проценти.

Намалувањето на туристите ќе резултира и со намалување на приходите, а последиците ќе ги почувствуваат сите жители на Република Македонија.

– Моменталната политичка состојба во државата не е на завидно ниво, особено од гледна точка дека ни престои туристичка сезона која треба да ја искористиме најдобро. Исто така, ако една сезона се расипе, следните сезони не се враќаат на истото ниво, туку е потребно многу време за да се вратат – изјави Крсте Блажевски, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија.

Доколку нема мирно решавање на политичката ситуација и има насилни протести, тоа ќе ја претстави Македонија во лошо светло, ќе го намали угледот на земјата во странство, а странските туристи ќе почнат да ги откажуваат аранжманите.

– Почнавме една многу убава сезона со првомајските празници, се надевавме тоа да продолжи, но поседната недела има тензии околу тоа и се зборува за откажување аранжмани – заклучи тој.

Најновите макроекономски податоци на НБРМ предвидоа растот на економијата годинава да биде 4,1%, а 4,5 % во 2016 година. Но, сепак, гувернерот Димитар Богов ја подвлече можноста за ризик која е поврзана со политичкиот амбиент кој доколку продолжи на долг рок, може да има негативен ефект врз ваквото остварување.

– Доколку се случи ескалирање, има ризик проекциите од ова сценарио да одат надолу – рече гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, на вчерашната прес-конференција.

Премиерот Никола Груевски на вчерашното гостување на вестите во „Сител“ предупреди дека можеби позитивниот економски раст на Македонија не му одговара некому и поради тоа се иницирани вакви мрачни сценарија.

– Европската комисија излезе со пролетните проекции за растот на економиите за сите земји во Европа и ако со претходната есенска проекција ЕК проектираше дека Македонија ќе има втор највисок раст, оваа година со најновата  проекција ЕК проектира дека Македонија ќе има најголем раст во Европа. Претходно Ирска беше прва, а ние втори, а сега се сменија позициите. Годинава се предвидува со 3,8 % економски раст Македонија да има највисок раст на економијата од сите земји во Европа – истакна Груевски.

Тој додаде дека и за 2016 година проекциите на Европската комисија повторно се дека Македонија со 3,9% ќе има највисок економски раст од сите земји во Европа.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top