Земјата на вискито, гајдата, килтот и на фудбалот е необична дестинација која вреди да се посети. Особено интересен е нејзиниот најголем град, трет по популарност во Обединетото Кралство, а познат по гостопримството на неговите жители и најголемата фудбалска знаменитост – дербито меѓу Селтик и Ренџерс, кое има тривековна традиција. Сместен на западот од Шкотска, на брегот на реката Клајд, настанал во шестиот век во околината на црквата која ја подигнал свети Мунго, светецот што ги преобразил Шкотите во христијани.
Глазгов се неговите жители и нивниот дух. Тие се срдечни, забавни и секогаш пријателски расположени. Пред само неколку децении, овој град бил сиво, индустриско место со зачадени пабови на секое ќоше. Денес претставува една од најпопуларните дестинации во Британија, по Лондон, и важи за голем финансиски и индустриски центар, а пушењето во затворени простории е строго забрането.
Повисоки цени, но одлично искуство
За патување до Глазгов најдобар избор е авионскиот превоз. Од Македонија сѐ уште не се воспоставени директни летови, па затоа ќе треба да направите резервација од Белград, Софија или од Солун. Цените на авионските билети од овие градови се различни, најевтините се околу 300 евра, што го прави патувањето поскапо, но вредно за едно поинакво искуство.
И сместувањето во Глазгов не е премногу евтино, дури и во хостелите има повисоки цени во споредба со други европски градови. Најевтините хостели нудат соби за околу 14 евра по лице, се разбира на поголема оддалеченост од центарот на градот. Нив можете да ги побарате на интернет или откако ќе пристигнете таму за да видите што ви се нуди на располагање.
Од аеродромот до центарот на градот често има автобуски линии, на секои 10-15 минути. Билетот во еден правец чини 6 евра, додека повратниот билет е 8,50 евра. Таксито е веќе луксуз, но можеби некој ќе сака да го искористи, а чини 24 евра.
Велат дека по Лондон ова е најдоброто место за пазарување во Велика Британија. И, навистина, градот е преполн со продавници и со трговски центри во кои може да се најдат работи за сечиј џеб. Но, реално, цените во Глазгов не се целосно прифатливи за нашиот стандард, па затоа треба да бидете внимателни и рационални во трошењето. Истото важи и за храната.
Виски, пиво и фудбалска страст
Глазгов на галски значи „драго зелено место“, што е вистински назив за град во кој има повеќе од 70 парка и градини. Факт е дека има повеќе паркови на квадратен метар отколку во кој било друг град во Европа.
И покрај тоа што во Глазгов нема премногу туристи, кои најчесто се движат во центарот на градот, на улиците постојано има раздвиженост од луѓе, а, секако, најголемите турканици настануваат за време на ручекот и по завршувањето на работното време.
Локалните жители и нивните гости друштвениот живот го водат по пабови, пијат црн чај со млеко, виски и пиво, а на располагање има и разновидна храна. Ви препорачуваме да ја пробате традиционалната шкотска храна која сигурно ќе ве воодушеви.
Во овој шкотски бисер може да се видат интересни знаменитости, како што е Научниот центар или најпознатата концертна сала „Клајд Аудиториум“. Градот има развиена културна област (Шкотска опера, Шкотски балет, Шкотски народен театар). Тука се наоѓа и една од најголемите јавни библиотеки во светот со 1,3 милион книги, а може да се пофали и со највисокото кино во светот, кое официјално е запишано во Гинисовата книга на рекорди со 18 киносали. Неговиот истакнат универзитет, стар повеќе од 500 години, секако вреди да се посети, како и паркот Келвингров, кој се наоѓа во непосредна близина и покрива 85 хектари.
Кога ќе се спомне Глазгов, не може да не се спомне најголемата фудбалска атракција – дербито меѓу Селтик и Ренџерс, кое има тривековна традиција и е наречено Олд фирм. За љубителите на фудбалот тоа е повеќе од дерби, тоа е ривалство, страст и забава. Има повеќе разлики меѓу двата клуба, но најинтересно е тоа што за синиот Ренџерс навиваат протестантите во Глазгов, а најмногубројни навивачи за Селтик се католиците.
Модерните кафулиња и добро зачуваните пабови со жива музика се вистинско засолниште за тие што сакаат одлична забава. Необичен е фактот што Шкотска е една од најскапите земји за купување на шкотското виски, иако е нејзин пијалак по кој е позната. Покрај уникатното виски, дефинитивно, уште долго време откако ќе ја напуштите Шкотска ќе ви остане позитивниот впечаток кој го оставаат жителите на Глазгов со нивната топлина и посебен дијалект.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.