| четврток, 6 декември 2018 |

Хан: Србија ќе почне да ги отвора поглавјата, доколку се спроведе договореното

Johannes HAHN

Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан денеска изрази уверување дека доколку се продолжи со спроведувањето на договореното, Србија ќе ги отвори преговарачките поглавја во текот на оваа година.

Како што пренесува Танјуг, министерката без портфељ задолжена за европските интеграции Јадранка Јоксимовиќ, министерот за правда Никола Селаковиќ и министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ истакнале дека Владата сака да бидат вреднувани остварените резултати и во реформскиот процес и во дијалогот Белград и Приштина и дека очекува Европската комисија и земјите членки на ЕУ да дадат согласност за што побрзо отворање на поглавјата, се наведува во соопштението на владината Канцеларија за медиуми.

Хан изјави дека претходното искуство во процесот на проширување покажало дека новите членки на ЕУ треба од прв ден да бидат членки со полн капацитет и дека заради тоа отворањето на поглавјата претставува најдобар начин да се направи напредок во процесот на подготовка за членство.

Хан нагласи дека е важно на граѓаните да им се презентира конкретната корист што Србија ќе ја добие од членството, бидејќи станува збор за сеопфатен процес, многу поширок од преговорите.

Министрите повториле дека членството во Европската унија е стратешка цел на Владата и дека Србија досега многу направила во процесот на пристапување, се наведува во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top