| четврток, 6 декември 2018 |

Јубилеен 50. македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Во официјалниот дел на фестивалската програма и во трката за награди се 13 претстави на македонските професионални театри. Фестивалот ќе трае од 12 до 19 јуни

prilep_festival

Јубилејното 50. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе почне на 12 јуни со театарски спектакал на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ во Прилеп.

Во официјалниот дел на фестивалската програма и во трката за награди се 13 претстави на македонските професионални театри. Фестивалот ќе трае од 12 до 19 јуни.

– Со поддршка на локалната самоуправа и на Министерството за култура ќе направиме отворање на Фестивалот достојно за неговиот петдецениски јубилеј со кој ретко која манифестација може да се пофали – рече  селекторот и уметнички директор на Фестивалот Петар Темелковски.

Според изборот на уметничкиот директор на Фестивалот во конкуренцијата за награди се Македонскиот народен театар, кој ќе ја изведе „Електра“ според митот за Електра од Еврипид, Софокле, Есхил и Сартр во режија на Андри Жолдак, Драмски театар во официјалната фестивалска програма е со „Безљубни“ од Благица Секуловска во режија на Златко Славенски, Театар комедија е со „Многу врева за ништо“ од Шекспир во режија на Деан Пројковски.

Театарот од Велес ќе настапи со „Приказни од шестиот кат“ од Драги Михајловски во режија на Дејан Дамјановски, Албански театар во програмата е со „Предавање“ од Мартин Мекдона во режија на Ќендрил Ријани, Турски театар е со „Сон на летната ноќ“ од Шекспир во режија на Александар Поповски, Народниот театар од Штип во официјалната фестивалска програма е со „Хотел ни на небо ни на земја“ од Ерик Емануел Шмит во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, Битолскиот театар со „Иванов“ од Чехов во режија на Александар Баргман.

Во трката за фестивалските награди се и претставите: „Залудни маки на љубовта“ од Шеркспир во режија на Тетовскиот театар, „Крвави свадби“ од Лорка во режија на Љупчо Ѓорѓиевски на театарот од Струмица, „Мајка храброст“ од Брехт во режија на Ѕвездана Ангеловска, а во изведба на Кумановскиот театар, „Детектор за лаги“ од Сигарев во режија на ненад Витанов на театарот од Охрид и „Сон на летната ноќ“ од Шекспир во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на народниот театар од Прилеп.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top