Фактот што економските изгледи на Европската унија и регионот се подобри, заздравувањето на финансискиот сектор почнува, развојот се придвижува во посакуваната насока, ние не треба да негуваме илузии дека треба да чекаме некој друг да ни ја заврши работата.
Ова денеска го истакна директорката на Комисијата за хартии од вредност Елизабета Чингаровска во својот воведен говор на Третата традиционална конференција на македонскиот пазар на хартии од вредност насловена „25 години пазарна економија во РМ и состојбите на пазарот на хартии од вредност“, во организација на Македонската берза, Комисијата за хартии од вредност на РМ и Централниот депозитар за хартии од вредност.
Чингаровска нагласи дека преку размена на искуствата како Комисија за хартии од вредност, Берзата и Централниот депозитар ќе се дојде до предлози и заклучоци кои ќе бидат прифатливи во наредниот период и ќе се имплементираат.
Претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе банка, Глигор Бишев даде повеќе опсервации меѓу кои го истакна и фактот дека е потребна поголема интеграција и поголема одговорност на македонската економија.
Според Бишев, инвеститорите за разлика од порано кога трчале по профити денеска тие трчаат по сигурност.
– Од тој аспект е многу важно каква е сигурноста на македонската економија. Покрај високиот раст што сите знаеме дека во рамките на регионот македонската економија најмногу расте, за инвеститорите најбитно прашање е сигурноста и ликвидноста на секундарниот пазар, истакна Бишев.
Зоран Јовановски од Магазин економија и бизнис рече дека во изминатите 25 години во Македонија не е дефиниран каков економски модел сакаме да имаме. – Капитализам постои во многу земји и капитализмот е различен. Во САД капитализмот е поинаков од Германија, а таму пак е различен од Скандинавија… Зошто е тоа важно? Затоа што тоа на некој начин ќе соодветствува со изборот на општествен модел. Ние преминавме од еден систем во друг систем, а некои елементи во економската политика останаа неодговорени – рече Јовановски.
Тој постави прашање зошто во македонската економија после 25 години немаме црвени линии. – Тоа е суштински важно поврзано со прашањето на одржливост на постојните економски политики – рече Јовановски и додаде дека потребно е да се седне и да се договори кои ќе бидат стратешките правци.
На форумот повеќе експерти од финансискиот и бизнис секторот, како и претставници од академскиот свет дадоа свое видување за моменталните состојби во македонската економија и пазарот на хартии од вредност, а дебатираа и за перспективите во наредниот период. На форумот беа презентирани и изјави на експерти од областа на пазарот на хартии од вредност од Словенија, Хрватска и Бугарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.