| четврток, 6 декември 2018 |

Кучи: Преку берза за енергија до поголема конкурентност

struja

Нејасно е дали земјава ќе формира сопствена берза на електрична енергија или ќе се приклучи на регионална берза што е дел од преземените обврски на земјава за интегрирање на нејзиниот пазар на регионалните и европскиот пазар на електрична енергија и гас. И двете опции се разгледуваат, но нема конкретна одлука што ќе се прави на ова поле.

Денеска на тема „Воспоставување на организиран пазар на електрична енергија во Република Македонија“ свои мислења дадоа домашни и странски експерти и научни работници. Беа разгледани искуствата од формирањето на регионалната берза за електрична енергија во Бугарија и во Хрватска, како и моделите на енергетски берзи.

Работилницата ја организираа универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и „ТЕМА Консалтинг Груп“ и е во рамки на проектот „Техничка помош за воспоставување институционална рамка за национална/регионална берза на електрична енергија“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Министерот за економија Дритон Кучи, кој имаше свое обраќање на работилницата, рече дека очекува да бидат разгледани сите можни опции и искуства за да може да се најдат најдобрите решенија за националниот енергетски пазар и пазарите во земјите од Југоисточна Европа.

– Ова ќе се постигне со изградба на нови конекции и со усогласување на законодавството со постојната правна регулатива на Европската унија за енергија, животна средина и конкуренција. Берзата за енергија претставува современа јавна платформа, преку која се овозможува тргување со енергија, односно платформа за понуда и побарувачка на енергија. Нејзината главна цел е транспарентна купопродажба на енергија, поголема конкурентност на пазарот, при што се овозможува локалните и регионалните компании на ефикасен начин да тргуваат со електричната енергија, преку утврдување на доверлив и транспарентен индекс на цена на електричната енергија – рече Кучи.

Според него, реформските чекори во енергетиката произлегуваат или се дел од пошироките политики и иницијативи, како што се Договорот за основање на Енергетска заедница, Иницијативата за Западен Балкан 6, согласно која Република Македонија пристапи кон потпишувањето на Меморандумот за разбирање на 6-те земји од Западен Балкан за развој на регионалниот пазар на електрична енергија и воспоставување рамка за идна соработка, како и Меморандумот за разбирање на земјите од Западен Балкан за спојување на пазарите.

Тој информира дека во досегашната пракса, Република Македонија има воспоставено билатерални договори за купопродажба на електричната енергија, со кои се договараат потребните количини, прецизно дефинирани, согласно потребите и производите на учесниците на пазарот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top