Со доаѓањето на топлите денови почнува периодот на најсилна активност на крлежите, а стручњаците предупредуваат дека овие инсекти, доколку се заразени, може да пренесат лајмска болест. Затоа ако ве боцне, задолжително следете дали ќе се појават симптоми слични на тие што се јавуваат кај грип, како замор, висока температура, главоболка, мачнина, повраќање и болки во мускулите. Симптомите траат осум дена, а може да завршат со менингитис. Особено треба да се биде внимателен во пролет и рано лето кога овие инсекти се најактивни. Тогаш се сокриени во тревата на гранките и по грмушките чекајќи некој човек или животно за чиешто крзно или влакна ќе се закачат. Потоа му се потребни неколку часа лазење по телото за да најде погодно место каде ќе ја забие рилката и ќе се храни со крвта. Иако прободувањето на кожата трае десетина минути, тоа не се чувствува поради супстанцијата која крлежот ја има во плуканката и дејствува како анестетик. Затоа е мошне важно по враќањето од излет добро да се прегледа секој дел од телото за оваа напаст навреме да се открие.
Доколку навреме не сте се заштитиле со средство против крлежи (го има во аптеките), по враќањето од престојот во природа детално прегледајте го страничното подрачје на влакнестите делови од телото (зад ушите, тилот, вратот), препоните, стомакот и папокот.
Со обична пинцета за вадење влакна опфатете го крлежот крај кожата и со нежно повлекување извлечете го внимавајќи да не му го оштетите телото. Не фаќајте го со голи раце, фатете го со стерилна пинцета, а не со нокти, а кога ќе го опфатите, лесно влечете нагоре, никако да го вратите. Ако главата му остане зариена во кожата, извадете ја со игла која задолжително треба претходно да ја дезинфицирате.
Крлежот никако не смеете нагло да го искорнете ниту на него да ставате некакви хемиско средство или извор на топлина како алкохол, бензин, лак за нокти, запалена цигара. Сето тоа може уште повеќе да го испровоцира да се вовлече уште подлабоко под кожата и да ја исфрли својата цревна содржина и со тоа да го забрза пренсувањето на инфекцијата, доколку е заразен. Местото на убодот обавезно да го дезинфицирате со алкохол.
Додека престојувате во природа, носете капа, светла облека со долги ракави и ногавици вовлечени во чорапите.
Ако по убодот чувствувате мачнина, болки во мускулите, главоболка, имате температура и повраќате, итно да посетите лекар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.