| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската филхармонија вечерва настапува со виртуозот Милош Карадаглиќ

Македонската филхармонија вечерва, 7 мај, во Домот на АРМ ќе одржи симфониски концерт под наслов „Шпанска гитара“, на кој како солист ќе настапи светскиот виртуоз на гитара, Милош Карадаглиќ од Црна Гора.

Најпопуларниот класичен гитарист на новата генерација ќе го изведе фантастичниот и романтичен Концерт за гитара и оркестар „Аранхуез“ од Хоакин Родриго, кој е сместен и на неговото најново цеде и за чиишто изведби добива не само извонредни критики, туку и престижни награди.

Критиката е едногласна дека со неговиот редок талент и, се разбира, со настапите, Милош Карадаглиќ (1983) ја убедува публиката дека гитарата е природно продолжение на неговите раце. Списанието „Грамофон“ пак, напиша дека е гитарист кој со својата музичка и техничка умешност ја изразува својата личност, но на еден интелигентен начин, со вкус. За него е снимен документарен филм насловен „МИЛОШ; HEARTSTRINGS“.

Со Македонската филхармонија ќе диригира маестро Емил Табаков од Бугарија, а оркестарот оваа вечер ќе изведе уште три мошне популарни дела – Симфониската рапсодија „Шпанија“ од Емануел Шабрие, како и атрактивните „Болеро“ и „Ла Валс“ од Морис Равел.

До крајот на мај и почетокот на јуни, Македонската филхармонија ќе ги изведе традиционалните концерти за студентите и учениците од државните училишта и факултети, додека кон средината на јуни, македонската публика ќе има можност да присуствува на уште едно возбудливо доживување со мултимедијалниот спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга“ кој ќе се одржи во Градскиот парк.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top