Интернационалниот саем на современа уметност „Паратисима Скопје“ ќе се одржи по втор пат од 12 до 14 јуни во Младинскиот културен центар, а отворениот повик за учесници истекува на 10 мај. Повикот е отворен за сите заинтересирани и не предвидува селекција за учество.
Може да се аплицира на овој линк: http://paratissimaskopje.mk/mk/otvoren-povik/.
„Паратисима Скопје“ и оваа година ќе награди до 10 најкреативни учесници и ќе им овозможи своето дело да го изложат на саемот за уметност „Паратисима“ во Торино од 4 до 8 ноември 2015 година.
Оваа година „Паратисима Скопје“ во соработка со „Галерија Флукс“ од Скопје ќе селектира два автори кои ќе добијат можност за своја самостојна изложба во 2015 година. Kуратор на „Паратисима Скопје 2015“ е Нада Прља, уметник и поранешен предавач на неколку лондонски универзитети, вклучувајќи го и Институтот „Марангони“.
– Со второто издание на „Паратисима Скопје“ нашата цел е да го потенцираме отворениот и демократски пристап кон креативноста. „Паратисима Скопје“ започна со отворен повик кој ги покани сите креативци да учествуваат, бидејќи веруваме дека сите форми на креативност треба да имаат еднаква можност да ѝ се обратат на публиката. Особено сум мотивирана кон развивање на специјалната програма на овогодишното издание преку бројни изложби, проекти и работилници. Една од моите цели е и истакнувањето на јавната презентација на креативните школи и универзитети, како основни структури кои ја поддржуваат и развиваат креативноста од раната авторска возраст – вели Прља.
Прља е родена во Сараево (1971). Од 1982 година живее во Скопје, од 1998 година престојува и работи во Лондон. Својата ликовна едукација ја започнува во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“. Подоцна, се стекнува со Диплома на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, а своето едукативно искуство го дополнува со магистерски студии по Философијана уметност на Кралскиот колеџ за уметност во Лондон.
„Паратисима“ е интернационален саем за уметност посветен на поддршка и промоција на културата, уметноста и креативните индустрии. Првото издание на „Паратисима Скопје“ кое се одржа од 13-15 јуни во Младинскиот културен центар, Скопје, го привлече интересот на повеќе од 90 автори кои се претставија со повеќе од 150 авторски дела и одбележа учество на автори од Франција, Грција, Црна Гора и Италија. Тродневниот настан вклучи 7 специјални проекти, 4 музички настапи и присуство на повеќе од 3.000 посетители. Во ноември 2014 година на десеттото издание на „Паратисима“ во Торино се претставија десет македонски автори, Ана Лазаревска, Маја Кировска, Горан Менков, Борче Богоевски, Александар Дудески со „Творница“, Лена Андонова, Драган Христов и Нина Симовска со Лудус и Just Because, Калина Брајковска, Ненад Тонкин и Бојан Ивановски, селектирани на првото издание на „Паратисима Скопје“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.