Ансамблот „Македонија“ како придружна членка на Здружението на етнокореолози на Македонија, претставува репрезент на македонската традиционална култура. Ансамблот активно твори со најдобрите студенти од одделот за етнокореологија при Факултетот за музичка уметност од Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип, како и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од насоката за традиционална музика и игра – Скопје.
Во изминатиов период ансамблот реализираше шест концерти – на 29, 30 април и на 4 мај, година во новиот објект на Македонскиот народен театар. Беа реализирани по два концерти во одредените датуми, со почеток од 11 и 13 часот.
Едукативните концерти беа насловени како „Чувари на традицијата“ со едукативна порака до учениците од основните училишта во Скопје како и културно –уметнички друштва од повеќе градови на Македонија (Велес, Штип, Демир Капија, Кочани, Струмица). Програмата понуди сценско-уметнички содржини на сценски адаптации од орската и музичката традиција на Македонија паралелно преку визуелен приказ на оригинални носии од 10 различни македонски етнички предели. Музичките содржини беа претставени преку соло инструментални изведби (гајда; зурли и тапан) и оркестар на традиционални инструменти (гајда, кавал, тамбура, тапан) како и оркестар со чалгиски инструменти (канон, ут, деф, кларинет, тарабука, дајре).
Единствен во државата од ваков вид, ансамблот работи со кадар- професионалци кои се едуцираат низ споменатите институции. Репертоарот на ансамблот е категоризиран според орските и музичките стилски карактеристики, обработувајќи сценски адаптации од сите играорни подрачја во Македонија: Западно; Југозападно; Јужно; Источно и Северно играорно подрачје.
Едукативноста на концертите се отсликуваше преку видео проекција на етнички карти на различни предели во Македонија како и звучна најава со краток опис за секоја адаптација говорена од актерот Томе Витанов. Овиесегменти визуелно и звучно ги дообјаснуваа сценските адаптации од репертоартот на Ансамблот како соборски ора и песни од пределот Скопски Каршијак; Велигденски игри од Порече; Мијачкото оро Тешкото; Градски игри и песни од Охрид – Садило; Соборски ора и песни од пределите Источен дел на Славиште како и етничкиот предел Пијанец.
Учениците посетители имаа можност да слушнат и солистички вокални изведби на традиционални песни „Грабиле гу Анѓелину“ и „Ој Ѓорѓија“ од Средорек или Кумановската област и Кочанско Поле. Уметничката програма на овие концерти беше конципирана во корелација со наставните содржини од основното образование, поточно со предметите Народни ора и танци; Музичко образование; Македонски јазик, Народно творештво.
Сите изминати концерти имаа прилика да ги погледнат околу 2.500 ученици од основните училишта од градот Скопје, како и членови на неколку културно уметнички друштва и фолклорни ансамбли од цела Македонија.
Од ансамблот се многу благодарни на основните училишта: „Кирил и Методиј“, „Лазо Ангеловски“, „Кузман Јосифовски Питу“, „Браќа Миладиновци“, „Христијан Тодоровски Карпош“, „Партение Зографски“, Интернационално училишта QSI, „Рајко Жинзифов“, „Димитар Македонски“, „Димитар Миладинов“, „Тихомир Милошевски“, „11- Октомври“, „Невена Георгиева Дуња“, „Ѓорѓија Пулевски“, „Страшо Пинџур“, „Мирче Ацев“, „Ѓошо Викентиев“ од Кочани како и до КУД „Кирил Пејчиновиќ“, Теарце – Тетово, КУД „Мирка Гинова“ – Демир Капија, КУД „Ристо Донев“ – Штип, МАТМИ Тоска – Скопје, Училиште за кавал, Струмица и ФА Вила Зора од Велес.
Бројноста и заинересираноста на посетителите ќе биде одличен мотив за реализирање на нов едукативно сценско-уметнички програм кој Ансамбл „Македонија“ во иднина ќе го понуди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.