Петтото, јубилејно издание на фестивалот на нова музика „Здраво млади“ ќе се одржи на 7 јуни пред платото на Младинскиот културен центар (МКЦ) со целодневна програма, на три различни сцени. Во изминатите четири години фестивалот ужива нагорна позитивна прогресија, како програмска, така и во поглед на зголемената посетеност и интерес од публиката.
Музичката програма ќе почне од 12 часот на пладне, во вид на целодневен музички пикник пред МКЦ. Фестивалот ќе го отвори харизматичниот „Лепи Џони“ (Lepi Xhoni) кој ќе го претстави своето новото ИПИ издание. На програмата потоа ќе следи гаражното панк трио со елементи на сурф-рок, „Сурутклер“( Sürütkler), директно од културниот центар „Кула“, една од најсветлите точки во културното сивило во градот. Дента ќе ни се претстават и „РИБ“ (RIB), новиот проект на екипата од бендот СИЗ, со промоција на албумот „Нешто сосема различно“ (Something completley different) кој ќе биде издаден кон крајот на мај, а момците за првпат ќе се претстават пред скопската публика.
Оваа година, понесени од значењето на петтиот мини јубилеј, најдоброто од изминатите четири изданија на „Здраво млади“, го најавуваат нашето омилено домашно и регионално дуо „Ти“(ТI). Со нов албум, излезен на 27 април, Трајче и Илија секогаш се интересни и возбудливи за слушање и гледање, особено на зајдисонце.
За крај на првиот дел од пладневната програма, реге хероите „Конкверин лајон“(Conquering Lion) од Тетово. Бенд кој постои веќе 8 години на македонската музичка сцена, со стотици концерти зад себе и десетици европски турнеи, првпат ќе настапат на „Здраво млади“.
Во вториот блок на програмата кој би започнал од 16 часот, ќе настапат „Диџеј Мудсвингер“ (DJ Moodswinger) и „Кир“( Kir), чија задача ќе биде да го претстават нивниот најнов дводневен музички „направи – сам” фестивал наречен „Плусплусплус“ (+++).
Третиот блок од 19 часот до раните утрински часови, го започнуваме со хрватското музичко торнадо, наречено „Власта попиќ“( Vlasta Popič). Ова експлозивно трио го промовира последниот албум „Квадрат“ (Kvadrat).
По нив, групата чие име не се памети лесно, но остава огромен впечаток, швајцарското комбо „Оркестра тоут пуисант Марсел Дучамп“ (Orchestra Tout Puissant Marcel Duchamp), чија несекојдневна авантуристичка музика е изразена преку игриви и смешни поп песни.
По нив ќе следи последната голема белградска поп-нојз атракција наречена „Артан Лили“ кои конечно за првпат ќе настапат на големата бина на „Здраво млади“. За Канаѓаните „Метз“ (METZ) спремете се психофизички. Нивниот нов албум насловен како „METZ II“, излегува на 4 мај.
Странскиот бенд што оставил најголем впечаток од сите изминати четири изданија, а воедно е и повеќе од концерт, дури и пријателство и љубов кон Скопје и „Здраво млади“ се „Принзхорн денс склул“ (Prinzhorn Dance School). Тие издаваат нов албум што се вика „Home Economics“ и светската премиера на албумот ќе ја имаат токму на „Здраво млади“, а веќе на 8 јуни, албумот го промовираат и во Англија.
Со огромна нескриена возбуда и нетрпение очекуваме да ја видиме и слушнеме новата „инкарнација“ на еден од најзначајните бендови во историјата на македонската музика, единствените Бернајс пропаганда. За затворање на фестивалот, за првпат во Скопје, музичкиот гуру „Гонјасуфи“ (GONJASUFI).
Билети за фестивалот ќе можат да се набават во три етапи. Првиот викенд од 8 до 10 мај истите ќе чинат 300 денари по промотивна цена, само на билетарница на МКЦ. Веќе од следниот ден, 11 мај, билет за Здраво млади ќе чини 450 денари до денот на фестивалот, а на денот на фестивалот или 7 јуни, билетите ќе се по цена од 600 денари. Билети по овие цени ќе може да се набават на билетарница на МКЦ но и на продажната мрежа на МК тикетс во Скопје како и низ Македонија.
Оваа година дизајнот на плакатот е дело на Дарко Кујунџиќ од Хрватска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.