Турскиот премиер Ахмет Давутоглу изјави дека Владата ќе го продолжи мировниот процес со курдските бунтовници независно од исходот на парламентарните избори закажани за 7 јуни.
-Ние ќе постигнеме успех во надминувањето на курдското прашање. Какви и да бидат резултатите од изборите, курдскиот процес ќе продолжи. Не сме барале и нема да бараме одобрение за да преземеме некои чекори- рече Давутоглу на предизборниот митинг во градот Карс. Турскиот премиер, кој е и лидер на владеачката Партија на правдата и развојот, на мититнгот кажа дека решавањето на курдскиот проблем е во интерес на турскиот народ, кој загуби 30.000 свои граѓани за време на конфликтот што трае над 30 години.
-Турците и Курдите се браќа. Не сакаме повеќе смрт, предизвикана од тероризмот во нашата земја, и нема да ја дадеме на терористите. Затоа се заложивме за решавање на курското прашање- изјави Давутоглу.
Судбината на процесот, што има за цел да заврши триесетгодишниот бунт на курдските бунтовници во југоисточна Турција, се претвори во главно прашање во предизборната кампања, која ги разгоре страстите меѓу владеачката Партија на правдата и развојот (АКП) и прокурдската Демократска партија на народите (ДПН).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.