Чикаго булс потсети на шампионските времиња од ерата на Мајклл Џордан и Скоти Пипен и успеа со победа против Кливленд да ја неутрализира предноста на домашен терен на противникот. Во првиот меч од полуфиналната рунда од плејофот во НБА-лигата, брејк направи и Лос Анџелес клиперс со триумф во Хјустон.
Дерик Роуз со 25 поени и По Гасол со 21 поен и 10 скока ги предводеа „биковите“ до победа од 99-92, но клуч на успехот беше цврстата одбрана на гостите. Леброн Џејмс тешко се снаоѓаше против тимската игра на Чикаго иако забележи 19 поени и 15 скока. Популарниот Крал често грешеше, што се одрази на играта на Кливленд, екипа што го доживеа првиот пораз во плејофот. Кајри Ирвинг беше најефикасен на мечот со 30 поени, но тоа беше премалку за триумф на Кавалирс.
Лос Анџелес клиперс лесно го совлада Хјустон со 117-101 иако гостите играа без Крис Пол. Јунакот во победата и елиминацијата на шампионот Сан Антонио не настапи поради повреда, а и без него тимот од ЛА славеше убедливо. Блејк Грифин забележи 26 поени, 14 скока и 13 асистенции. Кај Хјустон Двајта Хауард беше најзабележителен со 22 поени и 10 скока, а Харден постигна 20 поени со 12 асистенции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.