| четврток, 6 декември 2018 |

Нов албум на „Фолтин“

НУ Центар за култура – Битола денес ќе го промовира најновото музичко издание на групата „Фолтин“ под наслов „Пијан славеј“.

Издавач на новиот музички албум е битолскиот Центар за култура со што продолжува поддршката на овој тип проекти и по „Паркети“, „Спанк“, „Памперси“ и „Љубојна“, оваа национална установа сега се јавува како издавач и на албумот на „Фолтин“, потврди Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура – Битола.

„Фолтин“ е една од најпознатите групи од Македонија, формирана во 1997 година, која приредила концерти или учествувала на музички и театарски фестивали во Италија, Австрија, Хрватска, Франција, Словенија, Унгарија, Србија, Босна и Херецеговина, Албанија, Бугарија и во Македонија.

– Музиката на „Фолтин“ е необична, страсна и жива со прекрасна танцувачка атмосфера која се постигнува со брзите македонски ритми. Музичкиот јазик на „Фолтин“ е имагинарен и тоа е дополнителен предизвик за аудиториумот, за публиката, за обожавателите и затоа одлучивме да бидеме издавачи на најновиот албум – посочи Димитровски во пресрет на денешниот промотивен настан.

Битолската група „Фолтин“ досега ги издала музичките албуми „Outre-Mer“ (1997), „Archimed“ (2000), „Donkey Hot“ (2003), „Lo-Lee-Taa-Too“ (2005), „Penelope X“ заеднички проект со Никола Коџобашија и Гоце Стефковски (2011), „Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо“ (2008) и „Антитело“ (2012). 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top