Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ оваа година ќе има збогатена програма и ќе трае десет дена, од 18 до 26 септември. Акцентот на фестивалот останува и понатаму на работата на директорите на фотографија, а новиот директор на Фестивалот, Димитар Николов, очекува дека ќе го задржат трендот на доаѓање на големите ѕвезди кои во изминатите години беа гости во Битола. Слоганот за следното издание на „Манаки“ е „Филмот е убав“.
Николов ги истакна новите програми што ќе бидат вклучени во Фестивалот. Станува збор за „Нов европски филм“ и програмата „Југоисточна камера“.
– Реномето на фестивалот „Браќа Манаки“ ме мотивираше да создадам програма која само ќе го прави уште подобар, позначаен и модерно ориентиран. Фестивалот секако ќе си ја задржи својата основна линија – да ја промовира работата на „малите, незабележливите“ луѓе што стојат зад камерата. Фестивалот ќе трае десет дена затоа што тоа е практика на сите светски фестивали, а „Браќа Манаки“ не е ништо помалку од тоа. Фестивалот, освен со веќе постојните и препознатливи програми, ќе го збогатиме со две нови програми. Станува збор за: „Нов европски филм“ и „Sее Camera“. Програмата „Нов европски филм“ ја воведуваме со цел да привлечеме млади филмски автори кои своите први филмови би ги прикажале премиерно, а на фестивалот би му овозможиле нови можности за финансирање од европските фондови, како и побрза категоризација. За оваа програма ќе се грижи селекторот Дејан Трајкоски. Со програмата „SEE Camera“ сакаме да ја промовираме работата на авторите и на директорите на фотографија од Југоисточна Европа, а за неа ќе се погрижи Саша Станишиќ – изјави Николов.
Беше објавено и продолжувањето на успешната соработка со официјалниот партнер на Фестивалот – Вип оператор, компанија која по шести пат се вклучува во поддршката на ИФФК „Браќа Манаки“ и придонесува во унапредувањето на филмската култура во земјава.
ИФФК „Браќа Манаки“ ќе се претстави на претстојниот Кански филмски фестивал кој ќе се одржи од 13 до 24 мај, а проектот се реализира во соработка со Агенцијата за филм на Република Македонија и Кинотеката на македонија. Претставувањето ќе биде под мото „Објективи низ времето“.
Фестивалот ќе се претстави во рамките на павилјoнот на земјiте од Југоисточна Европа. Во годината кога светот, а посебно Кан одбележува 120 години од првата проекција на браќата Лимиер, Македонија и Балканот се гордеат со 110-годишнината од творештвото на првите фотографи и кинематографери на Балканот. Промотивни матаријали како разгледници, брошури, летоци, дивидија со филмовите на Манаки ќе им бидат доделени на видни личности од филмската индустрија, агенти за продажба, дистрибутери.
– Промоцијата во Кан е многу важна од повеќе аспекти. Кан во деновите на фестивалот е центарот на филмскиот свет и затоа може да го исползуваме за наша промоција. Сакаме да привлечеме што е можно поголемо внимание врз нашиот фестивал, да му обезбедиме поголема финансиска поддршка од европски филмски фондови. Јубилејот 110 години од браќата Манки ќе ни биде силен адут – изјави Николов.
Градоначалникот на Битола, Владимир Талевски соопшти дека на маркетот во Кан ќе биде промовиран проектот „Битола – филмски град“.
– Во радиус од еден километар се наоѓа најубавото филмско студио на Балканот. Тука се најубавите езера, планини, пејсажи, тука е Прилеп, Крушево, Битола. Се нудиме со се што имаме. Битола станува интересна филмска приказна за филмската продукција. Нема домашна продукција која не снимала во Битола и околината, а почесто имаме и странски продукции. Сакаме Битола да ја афирмираме како „фабрика за филмови“. Многу скоро ќе се објави тендер за изградба на филмски студија во Битола. Градот веќе има маркичка за тендерот – изјави градоначалникот Талевски.
Македонија шести пат се претставува на маркетот во Кан.
-Вака активно претставување на Македонија во Кан досега немало. Во јуни во Македонија треба да се реализира работилница на која ќе учестуваат продуценти од Европа. Во Битола очекуваме меѓународни гости – рече Дарко Башевски, директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија.
Од големите имиња кои се гости на „Манаки“, Николов го откри само името на српскиот режисер Божидар Бота Николиќ, кој ги потпиша легендарните филмови „Балкански шпион“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Кој тоа таму пее“, кој ќе одржи матар-клас.
– Во преговори сме со уште две-три големи имиња – рече Николов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фестивалот „Браќа Манаки“ инспирација за нов балкански филмски фестивал
-
Филмот „Очите на фотографката“ ќе го отвори третото издание на фестивалот „Богородичен покров“
-
Заврши 39.ИФФК „Браќа Манаки“: Златна камера 300 за кинематографер Кјонг Пјо Хонг
-
Франк Ван Ден Иден кинематограферот од филмот „Девојка“ претставен на „Браќа Манаки“