Кога на денот на локалните изборите наближувате кон Кичево наидувате на албански знамиња околу градот. Закачени на бандери, на објекти на приватни куќи. По патот се разминувате со многу полни автобуси, но и со „бесни“ автомобили со странски таблички. Плакатите пред Кичево го преживале нападот на револтот. Над главниот булевар на влезот во градот е закачен транспарент Кичевчани за Кичево. Зад него е виси син транспарент.
Кичевчани денеска велат дека е ден „ден да се биди или не“. Во градот е мирно. Локалите се полни.
„Доаѓаат нивните, доаѓаат и нашите, ти што мислиш? Треба да дојдат. Кичево на кичевчани им значи сè. Нели ги видовте сите знамињата околу градот?“, прашаа изненадено дел од тие со кои разговаравме.
Велат дека имало голем ред за гласање, па седнале да почекаат. Додаваат дека градот денеска е полн. Посочуваат дека викендов има многумина што дошле да гласаат.
И во Колари и Зајас, две места што се сега дел од Кичево, евидентно е расположението за гласање. Пред местата каде што се гласа се чека мирно во ред. На гласање се оди и со „мерцедеси“ со странски таблички, но и со трактори. забележливо е дека многумина се со македонски пасош во рака.
Се забележува добра организација на изборите. Меѓу набљудувачите од партиите има и актуелни министри, поранешни претседатели на партии, познати личности. Од комисиите велат дека до пладне биле вратени неколкумина што не биле на список или немале документи.
Во Колари гласаат и политички авторитети. Ни рекоа дека очекуваат се да помине во најдобар ред, демократски, но и дека очекуваат вечерва заедничка прослава во Кичево.
Во Зајас има две места каде што се гласа. Пред изборните места има насобрани групи граѓани. Меѓу нив и еден граѓанин, кој 30 години работи во Швајцарија. Вели дека доаѓа за сите избори. Заедно со татко му, постојан жител на Зајас, смета дека овие избори треба да покажат дека етничката припадност на идниот градоначалник нема да влијае врз работата. Барем дека не очекува такво нешто.
Друг соговорник по учтивите одговори за демократијата вели дека живее на релација Зајас – Берн. Човекот е бизнисмен, очекува поголемата општина да биде интересна за вложување, да се вратат тие што и до сега ги издржувале семејствата од надвор:
„Но, како да се вратам да живеам тука, да ги донесам децата. Да загинам по грешка? Како да се вратат луѓето, еден сожител по 25 години се врати од Америка, загина по грешка, го изрешетаа со „калашников“.
Според пресметките на набљудувачите, до пладне во двете села излезноста била од 25 до 30 проценти.
Фото: Александар Ивановски (Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.