Бројот на жртвите од катастрофалниот земјотрес кој на 25 април го погоди Непал, достигна 7040 лица, а 14.398 се повредени, соопшти Националниот центар за вонредни ситуации, јави Си-Ен-Ен.
Според податоците на Обединетите нации од разорниот земјотрес засегнати се директно осум милиони лица, меѓу 28милионското население на Непал. Претходно денеска Владата на Непал соопшти дека повеќе нема шанси да бидат пронајдени нови преживеани од разорниот земјотрес.
– Мина една недела од катастрофата. Се обидуваме најмногу што можеме да им помогнеме на луѓето, но сега веќе мислам дека нема никакви шанси некој жив да биде пронајден под урнатините, изјави портпаролот на непалското Министерство за внатрешни работи Лакшми Прасад Дакал.
Земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтеровата скала го погоди Непал на 25 април, што е најсмртоносниот потрес во оваа земја во последните 80 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.