| четврток, 6 декември 2018 |

Антибиотик се препишува непотребно во 56% од случаите

antibiotici

Непрописно пропишување на антибиотици без претходни дополнителни анализи во 56% од сите случаи со респираторни проблеми, покажува истражувањето на  Здружението на специјалисти по семејна медицина – респираторна група и Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје. Истражувањето беше спроведено минатата година во месец ноември и опфаќа 107 доктори од примарната заштита. На Симпозиумот одржан 1 и 2 мај во Охрид, беа презентирани дел од резултатите за 37 доктори со обработка на 4569 пациентисо епизоди на акутна респираторна инфекција кои побарале консултација со својот избран доктор.

– Ова истражување ни покажува дека треба да се направи уште многу во поглед на едукација на населението и докторите, но одредени активности да се преземат и од клучните институции како што е Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство. Кај 15% од случаите се направени дополнителни испитувања, но за жал анализите кои би можеле да помогнат во донесувањето на одлуката не се на листата на услуги што ги нуди Фондот, што значи дека пациентите ги сносат трошоците. Пациентите бараат рано помош бидејќи се плашат од компликации, aсамо во 5.1% од случаите од докторите пропишале антибиотик на инсистирање на пациентите – смета Радмила Ристовска претседател на Здружението на специјалисти по семејна медицина – респираторна група.

Istrazuvanje za upotrebata na antibiotici

Респираторните инфекции се една од најчестите причини за посета на докторот. Речиси 90% од сите случаи се предизвикани од вирус каде не е потребна антибиотска терапија. Истражувањето покажува дека најчести симптоми за кои пациентите сакаат да се консултираат со својот доктор се, кашлица, покачена температура, проблеми со носот и грлото. Просечното траење на симптомите е речиси 4 дена. Потребна е едукација на пациентите за овие најчести симптоми и како да се справат сами со нив. Најмногу антибиотици се пропишани за болка при голтање и покачена температура.

Istrazuvanje za upotrebata na antibiotici_2

Во светот има зголемен тренд на намалено пропишување на антибиотици. Со организирани кампањи намален е процентот за користење на антибиотици во Данска 32%, Шведска 37%, Холандија 34%, Норвешка 27%, Шпанија 20%. Трендот во овие земји продолжува со наметнување на построги критериуми за пропишување на антибиотици што налагаат и извршување на дополнителни анализи. Земјите со висок степен на употреба на антибиотици, како што е Македонија, имаат повисок степен на резистенција. Тоа пак доведува до зголемена смртност предизвикана од резистентни соеви, продолжено болничко лекување, потенцирање на штетноста на лековите кое се должи на несакани ефекти, како и пораст на трошоците за лекување.

Istrazuvanje za upotrebata na antibiotici_3

Препораките од истражувањето се дека треба да се прошири листата на услуги за Фондот за изведување на дополнителни анализи кои во моментов се на трошок на пациентот. Во исто време да се продолжи со едукација на населението и на медицинските лица за рационално користење на антибиотици. Да се зголеми комуникацијата на оваа тема и меѓу стручната јавност, но и кај населението.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top