| четврток, 6 декември 2018 |

На работникот само уште скарата му остана

Дестици илјади работници во светот ќе маршираат и на овој 1 мај на протести поради намалувањето на државните буџети, сиромаштијата, лошите услови за работа… Ќе го искористат моментот и во текот на тој еден слободен ден ќе го свртат вниманието на својата положба. Меѓутоа, во Србија празникот на трудот, со два неработни дена, главно ќе се одбележи со скара на излетнички места. Како тоа на засегнатиот српски работник скршен од транзицијата да не му недостасува ама баш ништо. Никој ни да крене глас. Ни обесправените работници, кои со месеци чекаат на неисплатени плати, ни војската невработени, што со години чекаат работа.

Синдикалната борба во момент кога и просветните работници го прекинуваат повеќемесечниот штрајк со подвиени опашки се чини марионетска и безвредна. А се наметнува прашањето, дали воопшто има некаква смисла да се празнува Денот на трудот, да се залева со пиво на најблиското излетничко место, оваа 2015 година, со оглед на денешниот кроки српски работник, кој нема пари ни за еден ручек.

Според мислењето на др. Нада Новаковиќ, научен соработник од Институтот на општествени науки во Белград, денес работниците немаат причина да слават. Таа смета дека треба да ја вратат смислата на овој празник – борбата за основни економски и социјални права за својот труд.

– Прославата за Први мај во последните неколку децении доживеа промени, од првомајски прослави, трпези на кои се најдоа печени прасиња и јагниња, се стигна до беда и сиромаштија на мнозинската мануелна работничка сила и население – смета Новаковиќ. – Основниот облик на однесувањето на тој ден, макар во светот, е работниците, но и средните слоеви и сите наемници кои живеат од својот труд, да покажат отпор, гнев, солидарност со колегите, против укинувањето на веќе достигнатите економски и социјални права. Во развиениот свет работниците ги предводат силни синдикати и солидарни нови граѓански движења. Кај нас тие се бројни, недемократски организираин, желни за власт, но без моќ да ја вршат најважната улога, да ги заштитат работниците од губење на работа, невработеност и беда! Некои лидери речиси две децении се на водечки места и блиски до власта.

Први мај во Србија ја изгуби својата изворна смисла, како меѓународен празник на трудот, потсетување на американските работници кои во 1886 година штрајкувале и барале осум часовно работно време. Од 1989 година се слави како меѓународен ден на борба за работничките права. Уште во 1890 година за тие права демонстрирале работници во Загреб, Белград, Нови Сад… Новаковиќ потенцира дека по Втората светска војна, овој датум свечено се одбележувал, но денес, погрешно или намерно, се спомнува како комунистички. Секако, на капиталистите од овие и другите простори никогаш не им одговарало да се слави тој празник.

– Во Србија и другите републики на поранешна Југославија на тој ден се славеле работните победи, свечено се отворале нови фабрики, обичните работници на работа го прославувале својот празник. Власта тоа уште повеќе го потенцирала, бидејќи на власт била работничката класа – објаснува Новаковиќ. – Традицијата за прославата на 1 мај била збогатена со вистински гозби, што била и потврда на успешниот развој и завидниот животен стандард. По воениот распад на земјата, влегувањето во транзиција и промените на општествените структури, се помалку имаше вистински причини за славење. Работниците стануваа најголеми губитници, маргинализирани и главно сиромашни луѓе. Денес, по 120 години од борбата за своите права, работниците во Србија се на почеток на борбата.

Нашата соговорничка истакна дека модерните синдикати на најмоќните членки на ЕУ и светот, се борат против експлоатација на работниците од сите квалификации, против намерите и потезите на власта да ја намалат социјалната помош, бараат сигурност во вработувањето и поефикасна државна администрација.

– Во Србија синдикатите и штрајкувачите поминаа голем круг, од работничките преку државните, до тие кои денес посакуваат сопствена трансформација во политичката партија – вели др. Нада Новаковиќ. – Тоа е пат од неразвиен капитализам, преку самоуправен социјализам до синдикати во транзиција.

Овој процес во Србија, погрешно и (не)намерно е сведен на приватизација на општествената своина. Таа го прикрива и фактот дека со социјалното и работничкото законодавство и мерките на власта, со законите и преку агенциите, на работниците им се одземени правата кои ги истакнале нивните колеги од пред повеќе од еден век.

– Кој денес воопшто спомнува, штити, озаконува или штрајкува во било кое време во годината за осум часовно работно време – се прашува Новаковиќ. – Такви пароли воопшто нема, бидејќи реалноста е уште посурова. Нормално е и се подразбира, дека во време на масовна невработеност и сиромаштија, дури и кај вработените работници, луѓето се согласуваат, сакале или не, на бескраен работен ден. Тоа е борба за опстанок, во која профитот оди кај домашните и странските капиталисти – кај претприемачите.

Проф. Дарко Маринковиќ смета дека српските работници и тоа како се свесни за состојбата во која се наоѓаат и се сомнева дека многу од нив ќе имаат и пари за скари на излетнички места.

– Клучен ресурс на секоја земја е човечкиот кадар и сериозните земји токму тоа го вброија во своите стратегии, додека кај нас е со најмала важност, а за очигледниот однос кон тоа се додава и образованието – вели проф. Маринковиќ. – Не само образованието на работниците, туку и образованието и знаењето на самите синдикати е од пресудна важност за успех. Секоја работа бара знаење, па и синдикалната. Факт е дека синдикатите се слаби и дека општествената моќ е слаба.

Професорот смета дека е неопходно да се промени работничкото законодавство и конечно да се реши прашањето за репрезентативноста на синдикатите.

Резултати

Целиот општествен капитал е продаден во бесценетост, за околу 2,7 милијарди евра, од земјата илегално се изнесени над 50 милијарди евра, а поради приватизацијата во последните 15 години без работа останаа милион луѓе – сумира др. Новаковиќ. – Невработени се околу милион граѓани. Армија млади, образовани и понатаму ја напуштаат Србија.

Вечерње новости – Белград

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top