Меѓународниот ден на трудот што традиционално се прославува во чест и сеќавање на борбата на работниците за унапредување на нивните права денеска со повеќе активности ќе биде одбележан и во Македонија.
Најстаратата синдикална организација, Сојузот на синдикати на Македонија, заедно со Конфедерацијата на слободни синдикати, организира марш на солидарноста на кој ќе биде прочитан првомајски манифест со пораки за колективни договори за сите, сигурни работни места и сигурни плати за работниците.
Изминатите години почнувајќи од 2010 година по повод 1 Мај беа организирани кампањи за одредени области од заштитата на работничките права.
Како резултат на тоа беа иницирани и донесени неколку законски решенија како што се Законот за мобинг, измените на Законот за безбедност и здравје при работа и за првпат од осамостојувањето на Македонија Законот за минимална плата со кој е утврден најнискиот износ на плата којшто треба да им се исплати на работниците. Со донесувањето на законот, минималната плата беше утврдена на 8.050 денари, но подоцна беше постигната согласност меѓу социјалните партнери од годинава да изнесува 9.590 денари, а од март 2016 година да се зголеми на 10.080 денари.
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) при ССМ, пак, најави протестен марш со кој, како што велат, ќе го искажат незадоволството од законите за административни службеници и за судска служба.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Во Македонија до 2006 година се празнуваше на 1 и 2 мај, но од 2007 година за неработен ден е прогласен само 1 мај.
Денот на трудот се празнува во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго кога демонстрантите барале воведување осумчасовен работен ден. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени. Три години по настаните во Чикаго, на првиот Конгрес на Втората интернационала што се одржала во Париз во 1889 година, е решено секоја година на 1 мај, во сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.