Девет сообраќајни незгоди се случиле во текот на изминатите 24 часа на подрачјето на Град Скопје. Од нив, како што информира полицијата, четири се со последица материјална штета, а четири со телесна повреда.
Полесни повреди здобиле тројца возачи на патничко моторно возило, еден пешак и еден возач на мотоцикл.
Случена е и една незгода со последица тешка телесна повреда во која со тешки телесни повреди се здобил еден патник во автобус.
Во текот на вчерашниот ден се санкционирани 27 возачи кои не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување со возилото, односно непрописно се престроиле пред крстосница, 19 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или поминале на црвено светло на семафорите, 10 возачи не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, односно се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место, како и седум возачи кои поминале на црвено светло на семафорите.
Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на изминатите 24 часа од страна на сообраќајната полиција отстранети се 84 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај денеска ќе одржи сообраќајна поука во просториите на Полициската станица од општа надлежност Гази Баба на која ќе присуствуваат граѓани учесници во сообраќајот кои сториле прекршоци во својство на пешаци по разни основи.
Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје, пак, ќе одржи едукативни активности во ОУ „Наим Фрашири“ во населено место Глумово и подрачните училишта во населените места Матка и Шишево кои се наоѓаат на територијата на општина Сарај со учениците од второ и четврто одделение.
Стечајци и работници кои биле технолошки вишок денеска ќе одржат протестен марш поради остварување на нивните права. Протестот ќе почне пред Жена парк на ул. „11 Октомври“ пред Собранието на Република Македонија и ќе продолжи по ул. „Димитрие Чуповски“ до пред Министерството за труд и социјална политика, до Министерството за финансии по ул. „Васил Главинов“, во продолжение по бул. „ВМРО“, лево по бул. „Илинден“ до пред Владата на Република Македонија. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување и пренасочување на сообраќајот.
По повод 1-ви Мај, традиционално се очекува зголемено движење на граѓани во излетничките места во околината на Скопје – Матка, Сарај, Водно, Маркова Река, Скопска Црна Гора. Сообраќајната полиција, како што најави, ќе го зголеми присуството во овие делови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.