Бројот на жртви по разорниот земјотрес што во саботата го погоди Непал достигна 5.057 лица, потврди непалското Министерство за внатрешни работи, додека најмалку 10.000 се повредени.
Билансот на жртвите се однесува само на Непал, додека во соседните држави, како што се Кина и Индија, уште најмалку 100 лица ги загубија животите во земјотресот со интензитет од 7,9 степени според Рихтеровата скала.
Меѓу жртвите се и 18 планинари, кои се наоѓале во камп во подножјето на Монт Еверест, откако биле зафатени од лавина предизвикана од земјотресот. Најмалку 250 лица се водат за исчезнати откако лавина го погоди селото Годатабела во округот Расува, северно од Катманду, потврдија локалните власти.
Според процените на Обединетите нации, осум милиони луѓе се загрозени по земјотресот поради што организацијата намени 15 милиони долари за итна помош на жртвите.
Голем број држави се вклучија во акцијата за помош на Непал, но четири дена по катастрофалниот земјотрес помошта уште не стигнала до голем број луѓе кои се изолирани во зафрлени села и градови низ земјата.
Спасувачките екипи не можат да стигнат до голем број планиниски делови иако хуманитарна помош и доброволци пристигнуваат од целиот свет.
Премиерот Сусхил Коирала изрази стравување дека бројот на жртви може да достигне и над 10.000 лица, додавајќи дека властите прават сѐ што можат. По разорниот земјотрес, Непал го погодија и десетина нови помали потреси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.