Значително поедноставување на канцелариското работење и растоварување од обврските на приватниот сектор, е клучната цел на измените на Законот за архивски материјал, рече денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество и јавна администрација Иво Ивановски.
Според измените, како што објасни Ивановски, правните лица се поделени во две групи – првата, со максимум 49 вработени, има единствена обврска да го архивира материјалот од трајна вредност за државата, науката и културата, и втората, со 50 и повеќе вработени која има обврска да води единствено основна евиденција.
– Имателите на приватен архивски и документарен материјал отсега се должни да водат основна или сопствена евиденција, да донесат план на архивски знаци со листа на архивски и документарен материјал, да вршат тековно одбирање на архивскиот од документарниот материјал и трајно да го чуваат архивскиот материјал – истакна Ивановски.
Правните лица со најмногу 49 вработени, додаде министерот, се должни да донесат план на архивски знаци со листа на архивски и документарен материјал. Во случај на престанок на работа, правниот субјект е должен да го предаде архивскиот материјал на својот следбеник или доколку нема, на Државниот архив.
– Состојбата на терен покажа дека приватните иматели создаваат архивски и документарен материјал во многу мал обем, имаат сопствена номенклатура на заведување на документите и поради тоа се пристапи кон изменување на соодветните членови од Законот со кои се намалуваат обврските на компаниите и им се овозможува да водат основна евиденција (деловодник) или евиденција согласно нивна номенклатура на броеви. Битно е да имаат евиденција на документацијата што ја создаваат, подвлече министерот, додавајќи дека тоа ќе се преслика врз изработката на план на архивски знаци, листа на архивски материјал и листа на документарен материјал.
Со измените се воспоставува законска основа приватните фирми својата електронска евиденција што веќе ја имаат воспоставено и ја водат пред се за свои потреби, да биде правно релевантна, а не да се оптоваруваат со дополнителна евиденција за чие водење ќе трошат непотребно ресурси и средства.
Измените на Законот за архивски материјал денеска се на дневен ред на 45. собраниска седница и се предлага, потенцира Ивановски, да бидат донесени по скратена постапка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.