| четврток, 6 декември 2018 |

Војната во Донбас може да почне секој момент, Украина очекува поддршка од Западот

донбас

-Договорот од Минск треба целосно да биде исполнет, но војната во Донбас може да почне во секој момент- изјави претседателот на Украина Петро Порошенко денеска на отворањето на меѓународната конференција за поддршка на Украина во Киев.

Порошенко изрази надеж дека ќе добие поддршка од Европа за Донбас и дека Украина, Европа и Западот ќе бидат единствени за тоа прашање, јави ТАСС.

Според него Киев моментално води борби на два фронта. Води борба во Источна Украина, а истовремено спроведува сеопфатни и тешки реформи. Порошенко истакна дека денешната конференција треба да го зголеми нивото на поддршка за Украина.

На конференцијата во Киев, украинската Влада ги претставува и резултатите од напорите за стабилизирање на економијата и спроведување на реформи.

На конференцијата се поканети претставници на европски институции, на земјите од Г-7, ОН, меѓународни организации и големи инвестициски компании. Меѓу учесниците на форумот се и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и шефот на Европската Комисија Жан-Клод Јункер.

Јункер на отворањето на конференцијата изјави дека дошло време да биде пресечена корупцијата, што ја поткопува украинската економија. Тој истакна, дека Украина разработила пакет од нови анти-корупциски закони. Претседателот на Европската комисија, исто така, нагласи дека се неопходни реформи на системот за државно управување, на енергетскиот сектор и децентрализација. Според него децентрализацијата ќе даде можност за решавање на конфликтот во Донбас.

– Реформите мора да се спроведат не за профит, туку за граѓаните – порача Јункер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top