На сцената на Велешкиот театар, вечерва со настапот на кинеската атракција Драгон Кунг фу танцовата компанија од Пекинг ќе биде затворено 11-тото издание на „Танц фест“.
Тие ќе гостуваат со 11-члена екипа која ќе го изведе проектот „Кунг фу танц” – комбинација од борачки вештини и танц. Проектот е на шестмина кореографи, во режија е на Лиу Лу и на музика на Зоу Ханг.
Во пет сцени ќе биде презентирана традиционалната култура и современата уметност во Кина, во која борачките вештини се традиционален спорт, но и мошне ценето културно наследство.
Компанијата е основана во 2006 година од светски позната кунг фу ѕвезда Џеки Чен. Вклучува членови од престижни кунг фу групи од Кина и сите имаат богато изведувачко искуство на кунг фу техниките.
Годинашниот „Танц фест“ беше отворен на 14 април со премиера на СМС (сите мои слики) во кореографија и режија на уметничката директорка на фестивалот Рисима Рисимкин.
Фестивалот се одржуваше во Скопје и Велес, а настапија танцови групи од Холандија, Бугарија и Кина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.