| четврток, 6 декември 2018 |

Вонредна состојба во Мериленд поради насилствата на улиците во Балтимор

бал

Гувернерот на сојузната американска држава Мериленд, Лари Хоган, прогласи вонредна состојба, по неколкудневните насилни и вандалски немири низ улиците на Балтимор. Според Си-Ен-Ен, гувернерот Хоган размислува да ја ангажира Националната гарда за да се воспостави ред и мир.

Најновиот бран улично насилство избувна, само неколку часови по погребот на младиот црнец Фреди Греј (25) кој на 19 април почина од внатрешни повреди во телото, откако претходно имал судир со полицијата.

Седуммина полицајци се повредени, од кои еден посеризоно, во последните безредија, а се нападнати и уништени полициски возила и се оштетени и ограбени повеќе локални продавници.

Американските медиуми јавуваат дека најнасилните демонстранти, подметнале пожар во еден помал локален трговски центар, за да потоа почнат да вршат грабежи, земајќи се што ќе им се најде при рака од продавниците во центарот.

Полицијата се обидува да ја растера насилничката толпа од стотина лица, употребувајќи солзавец и „топки“ наполнети со лут гас.

Претставник на локалната полиција за Си-Ен-Ен изјави дека станува збор за главно многу млади лица, па ги повика нивните родители „да си ги соберат децата од улиците“. Полицијата смета дека тоа не се никакви демонстранти, ниту тие протестираат,туку за поединци кои се одметнати и дејствуваат надвор од законите.

Градоначалникот на Балтимор повика на смирување на ситуаацијата и за уличните насилства ги обвини „дојденците однадвор“ кои го злоупотребиле мирниот протест во саботата за вандализам и криминал.

Во саботата над илјада жители на Балтимор, предводени од локалниот пастор Џамал Брајант, се собраа пред зградата каде се наоѓа Градскиот совет за да протестираат против „бруталноста на полицијата“.

Специјалниот оддел за разузнавање на локалната полиција соопшти дека локалните банди, познати како „Блек Герила“ „Бладс“ и „Крипс“, направиле договор за заедничко дејствување против полицијата и силите на редот, за напади и убивање на полицајци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top