Билансот на загинатите во земјотресот во Непал со интензитет од 7,9 степени според Рихтеровата скала достигна 688 луѓе, соопшти непалското Министерство за внатрешни работи.
Претставник на Министерството изјави дека меѓу загинатите 181 лице се од главниот град на Непал, Катманду.
Најмалку осум лица загинаа, кога огромна лавина се урна врз дел од камп за планинарите на Монт Еверест. Министерството за внатрешни работи соопшти дека се повредени и 30 планинари во базниот камп на Монт Еверест.
Земјотресот има погубни последици и во околните земји. Во Индија загинаа најмалку 20 лица, шест во Тибет и двајца во Бангладеш, а двајца Кинези животот го загубија на непалско-кинеската граница.
Институтот за геолошко и метеоролошки истражувања на Индија соопшти дека плиткиот земјотрес погодил подрачје на 81 километар од Катманду.
Во главниот град се уништени поголем дел од патиштата, а причинета е и штета на меѓународниот аеродром, кој од безбедносни причини ќе остане затворен на неопределено време.
Земјотресот предизвика уривање на голем број згради во Катманду, голем број луѓе се повредени, а над градот е надвиснат облак од прашина.
Најмалку 50 лица се заробени во зграда од девет катови од 19. век во Катманду, која се урна, а според тврдењата на очевидци има жртви.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.












