Веќе трет месец сме соочени со пласирање на информации во кои Зоран Заев и неговите поддржувачи се убедени дека народот мора да поверува. Наспроти нивните клевети, обвинувања и презентирање на материјали кои се стекнати на нелегален начин, а се селектирани и монтирани, ВМРО-ДПМНЕ продолжува со една позитивна политика, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на трибината во Крива Паланка. Заев можеби не е свесен, како што рече, дека е само инструмент на странски служби кои сакаат да постигнат цели кои се спротивни на интересите на Република Македонија.
-Очигледно е дека целта на Заев не е само да изгради погрешна виртуелна реалност за Владата и функционерите. Зоран Заев е вовлечен во едно сценарио за кое можеби и самиот не е свесен. Тој е директно инволвиран во спроведување на сценариото за дестабилизација на државата. Станува се појасно дека Заев како инструмент на странските служби е доведен во ситуација да одработува туѓа агенда, а таа агенда очигледно подразбира создавање на раздор, недоверба, страв, провокации во кои Македонците ќе се спротивстават на други Македонци, ќе настане конфликт помеѓу сите луѓе кои живеат во оваа доверба, каде што секој ќе се плаши од секого, ете во таква ситуација која ја посакува Заев, а уште повеќе неговите наредбодаватели лесно е да се манипулира, потенцираше Јанкулоска.
-Соочувајќи се со една ваква ситуација и со серизоните обвинувања за кривичните дела кои му се ставаат на товар на Заев, тој станува се понервозен. На секој негов јавен настап, нападите се уште пожестоки, меѓутоа аргументите се уште послаби. Тој самиот знае дека направил сериозни пречекорувања во делот на непочитување на законите, затоа е паниката во секој негов настап, затоа е потребата после секое дадено интервју да се корегира, да се демантира, истакна министерката за внатрешни работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


