Култниот американски состав „Свонс” (Swans) по повод 40-то издание на меѓународниот театарски фестивал МОТ, а во рамките на својата европска турнеја, ќе го посети и Скопје, како единствен град во поширокиот регион, со концерт на 12 јули во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Скопје е на списокот европски градови што ќе бидат допрени од магијата на „Свонс“ заедно со: Дортмунд, Архус, Берген, Осло, Трондхајм, Малме, Лиеж, Лондон, Бристол, Ливерпул, Глазгов, Белфаст, Даблин, Париз, Киев…
Ако најавите за реактивирање на реномираниот арт-рок проект „Swans“, кон крајот на минатата деценија предизвикаа дубиозни реакции меѓу повеќето познавачи на ликот и делото на хиперборецот Мајкл Џира, тогаш трилогијата албуми, која почна со неверојатниот „My Father Will Guide Me…“ во 2010 г., јасно и недвосмислено покажа дека најновата инкарнација на бендот претставува прочистен сублимат на целокупното негово постоење.
Нивното прво албумско остварување „Filth“, и по 30 и кусур години продолжува да фасцинира буквално сè што било и е прогресивно во онаа бескомпромисно креативна струја во рок музиката, а т.н. среден период на групата – до opus magnum-от „Children of God“ – со Жарбо, култната вокалистка и долгогодишна партнерка на Џира, е извор на инспирација на уште поширок круг на безброј есенцијални изведувачи од средината на 1980-те па натаму.
Во 1997 г., Џира решава да го хибернира проектот и последователно да ги формира „Angels of Light“ за да се концентрира на полиричната страна на „Swans“ карактеристична за периодот од „The Burning World“, преку „White Light from the Mouth of Infinity“ и, според многумина, најслушливиот „The Great Annihilator“ (1995).
По низата соработки со врвни музичари во низа проекти и соло настапи, Џира решава да го затвори кругот воскреснувајќи го препознатливиот монолитен, бескомпромисен звук на „Swans“ со веќе споменатиот „My Father…“ Последните два албуми, „The Seer“ (2012) и „To Be Kind“ (2014), се несомнен триумф во намерата да се транспонира ритуалната еуфорија при концертната манифестација на култниот феномен „Swans“, која сама по себе претставува можност за фундаментално трансформативно искуство, кое еве, благодарение на наклонетите космичките сили, ќе имаме прилика да го доживееме во нашиот град.
Билетите се по цена од 500 денари на билетарницата на МКЦ, ќе бидат во продажба уште од вторник, 28-ми април. На денот на концертот, цената на билетите ќе биде 700 денари, соопштија од МКЦ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



