-Не треба да ја потценуваме сериозноста на тоа што се случи пред некој ден во Гошинце. Сакам да им порачам на граѓаните дека службите надлежни за нивната безбедност ја вршат својата работа, соодветно реагираат и имаат капацитет за извршување на своите редовни задачи – порача министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во врска со безбедносната состојба во Република Македонија, притоа посочувајќи дека последниве денови имаше повеќе шпекулации во јавноста кои, по нивната проверка, какошто рече, се покажа дека не се точни.
Јанкулоска, по денешната дебата во Советот на Град Скопје, со угостители за измени на Законот за угостителска дејност, информираше дека во текот на вчерашниот ден две лица се приведени по направен претрес во три објекти во Куманово, каде што меѓу другото пронајдени се и четири пакувања по 200 грама ТНТ експлозив.
– Активноста на МВР спроведена со соодветна наредба засега не се поврзува со терористичкиот напад во Гошинце, но е дел од редовната работа на полицијата и дополнително ќе се оди со изведување нови докази, обезбедување искази на лицата кои се приведени и добивање дополнителни инфомации за она што е пронајдено при претресите – појасни таа.
Во врска со истрагата за Гошинце, одговарајќи на новинарско прашање, министерката Јанкулоска информира дека се преземени бројни истражни дејствија и се преземаат дополнителни истражни дејствија.
– Но, земајќи ја предвид сериозноста на овој случај, проценка на обвинителот, но и проценка на МВР е дека објавувањето делови од истрагата во оваа фаза би можело да наштети на нејзиното продолжување- рече Јанкулоска и апелираше за трпение за да се завршат сите активности до крај кои се неопходни пред да се излезе со информации поткрепени со материјални докази.
На прашањето на новинарите каква е соработката со косовската полиција за случајот во Гошинце, Јанкулоска посочи дека МВР веднаш по она што се случило иницирало средба на високо полициско ниво при што биле разменети информациите.
– Очекуваме поддршка и соработка во периодот што следува, а остануваме отворени за какви било информации кои би можеле да ни ги достават по однос на нашите сомневања за евентуална потврда или елиминација на она што ние го имаме за можно сценарио за тоа како течеле настаните и што се случило – рече Јанкулоска.
Во однос на објавените разговори во врска со случајот „Сопот“, а по барање на новинарите, Јанкулоска децидна дека Зоран Заев и неговите сопартијци во недостаток на конкретна понуда за граѓаните, како што рече, одлучи да спроведува едно прилично опасно сценарио за Република Македонија, каде што со сите сили настојува да предизвика немир кај граѓаните употребувајќи незаконски стекнати материјали кои се производ на кривично дело, низ постапка на нивно прикажување на селективен начин надвор од контекст, притоа „монтирајќи, лепејќи, кратејќи и додавајќи она што на него му се допаѓа и да создаде една виртуелна реалност, која не одговара со фактичката состојба на терен“.
– Случајот „Сопот“ ако добро се сеќавам има своја судска завршница во 2003 година, па оттука поупатно е прашањето да го поставите до оние кои имале надлежност да постапуваат во 2003 година, а во тоа време СДСМ беше на власт и МВР беше раководено од министер од редовите на СДСМ, и премиерот беше од редовите на СДСМ па можеби Зоран Заев има повеќе информации околу тоа како одела процедурата. Предметот има своја судска завршница и таа е пред повеќе од 10 години, во времето на случувањата јас лично на одреден период бев и надвор од РМ и не можам да дадм коментар на нешто во кое немам никакво учество – рече Јанкулоска.
Прашања какви се односите со ДУИ по објавените разговори, Јанкулоска истакна дека СДСМ може да презентира што сака, но, нагласи, нашите односи на професионален план се коректни.
– Денешниот настан на кој заедно со министерот Незири презентираме предлози во интерес на граѓаните е само потврда дека и ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ работат и ќе продолжиме да работиме во интерес на граѓаните, затоа што тие се оние кои нам ни го даваат легитимитетот на избори, а ние им должиме реализација на проектите во функција на подобрување на нивниот живот – истакна министерката за внатрешни работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
И Гордана Јанкулоска го осудува бегството на Груевски
-
Почна судењето за „Тенк“
-
Во деветти месец од бременоста сум, покажете ги на дело фразите за заштита на мајката и детето – Јанкулоска со отворено писмо до Дескоска и Царовска
-
Јанкулоска: СЈО може да отвори и милион случаи, без аргументи, на база на кафеански муабети