| четврток, 6 декември 2018 |

Јанкулоска: СЈО може да отвори и милион случаи, без аргументи, на база на кафеански муабети

-Катица Јанева и нејзините соработници можат да отворат и милион случаи, без аргументи,  на база на кафеански муабети, на база на шпекулации, на база на посакувани сценарија, кои тие, очигледно, ги креираат на дневна основа, но најважно е како ќе ги затворат. Јас ќе кажам, како што си ги отворија без докази, така и ќе си ги затворат без докази. Затоа што не може вие со повторување на една ноторна лага за која се свесни дури и малите деца дека, едноставно, не држи вода, да ја направите вистина. Тоа не поминува ниту кај македонскиот народ, ниту поминува на друго место – рече Гордана Јанкулоска, поранешна министерка во МВР и актуелна членка на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, во вчерашната дебатна емисија „Ѕид“ на „Алфа“, за улогата на СЈО како продолжена рака на опозицијата.

–  Впрочем, целата оваа активност и на Зоран Заев и на Катица Јанева, и на чадорот што ги штити, координира и опструира во изминативе две и пол години, очигледно, не вроди плод. И ако некој се праша, па зар е можно да се потрошат толку пари, ресурси и енергија, знаеме ние со колкав буџет располага СЈО и со какви фондови оперира СДСМ, и да дојдете до една ситуација по една таква, условно речено, жестоко негативна, неаргументирана кампања, вие повторно да бидете губитник на изборите. Затоа што губитник на овие избори не се само Зоран Заев и СДСМ, губитник е и СЈО бидејќи тие беа истурениот играч во кампањата на СДСМ. Но губитник е и тој што проценил дека тие се личностите, односно структурата што ќе ја спроведе агендата што ја замислиле за Република Македонија. Очигледно и ВМРО-ДПМНЕ како партија и поединците од ВМРО-ДПМНЕ , но и целиот македонски народ покажа дека луѓето се свесни и знаат да прават сопствена проценка и да дадат сопствен суд за нештата што се случуваат. И не им треба Сорос со неговите марионети да им кажува која е лагата која е вистината – оцени Јанкулоска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top