Откако Хилари Клинтон во неделата објави дека ќе се кандидира за претседателка, доби стотици илјадници пораки за поддршка на социјалните медиуми, а најчудна беше долгата порака од Клиф Џексон, адвокат во Арканзас. Во 90-тите години од минатиот век Џексон беше еден од главните двигатели на бран теории на заговор за Клинтонови. Тој ја создаде групата против Клинтон, наречена Алијанса за преродбата на независна Америка, чиешто седиште беше во еден чамец на реката Арканзас, украсен со налепници на кои пишуваше, на пример „Насмевнете се ако сте спиеле со Бил Клинтон“. Џексон го претвори во скандал „Вајтвотер“ наводното злоупотребување од Бил Клинтон на Пола Џонс. Џексон беше тој што ги запозна Дејвид Брок од „Американ спектејтор“ и другите новинари со незадоволните државни полицајци во Арканзас, кои нудеа сензационални приказни дека гувернерот Клинтон користел државни ресурси за незаконски сексуални цели.
„Трупергејт“, како што беше наречена аферата, се придружи на долгата листа скандали или псевдоскандали што ги зафати Клинтонови во 90-тите години од минатиот век, вклучувајќи ги „Вајтвотер“, „Травелгејт“, „Нанигејт“, како и разни евентуални и вистински сексуални злоупотребувања поврзани со Бил Клинтон. Џексон, како и некои други поранешните непријатели на Клинтон, сака да ги остави скандалите зад себе.
Сепак, злонамерните приказни наоѓаат начин како да опстанат дури и кога се отфрени од тие што први почнале да ги шират, а фактот дека раскажувачите веќе не веруваат во нив не може да направи многу за да го растера облакот на заговорничка манија што стои над Клинтонови.
Клинтонови биле предмет на озборувања и на застрашувачки теории на заговор повеќе од сите политички актери во историјата на Америка. Претседателот Барак Обама се соочи со оспорувачите на неговото американско државјанство. Но, сепак, личните напади врз Обама, очигледно мотивирани од расистичка желба да се прикаже како егзотичен и неамериканец, не можат да се мерат со приказните дека Клинтонови го убиле својот помошник Винс Фостер или дека воделе кокаински картел во близина на аеродромот во градот Литл Рок.
Речиси сите овие теории на заговор и скандали, освен, се разбира, лажното сведочење на поранешниот претседател во аферата со Моника Левински, се дискредитирани, но контроверзиите имаат траен ефект врз јавното мислење. Постои природна склоност кај луѓето да мислат дека медиумската врева за скандалите се базира на некоја вистина. Анкетите покажуваат дека голем процент од Американците не ѝ веруваат на Хилари Клинтон, со доза на сомневање што само се зголемува со неодамнешните шпекулации дека ја користела приватната електронска сметка додека била на функцијата американска државна секретарка. Анкетата на Универзитетот во Квинипиак од минатата недела покажа дека меѓу 49 и 56 проценти од испитаниците во три клучни неопределени држави – Колорадо, Вирџинија и Ајова, сметаат дека таа не е искрена и доверлива.
Сепак, во последниве години, Џексон имаше спротивно искуство со Клинтонови, нешто што важи и за изненадувачкиот број некогашни огорчени непријатели на Клинтон. Дејвид Брок, чиишто приказни за „Американ спектејтор“ се однесуваа не само на „Трупергејт“ туку и на евентуалната злоупотреба на Пола Џонс (кои го отворија патот за откритијата на скандалот со Левински и отповикувањето на Клинтон), јавно се извини за своето таблоидно новинарство и сега е жесток поддржувач на Хилари Клинтон. Покојниот медиумски магнат Ричард Мелон Скејф, кој еднаш потроши речиси два милиона долари за финансирање на клеветите на Брок и на други десничарски новинари за Клинтон преку својот проект „Арканзас“, се смири со поранешниот претседател и донираше 100.000 долари за Фондацијата „Клинтон“, а неговиот весник „Питсбург трибјун ревју“ ја поддржа кандидатурата на Хилари Клинтон за претседателка во 2008 година. Некогашната десна рака на Скејф, извршниот директор на „Њусмакс медија“ и авторот на „Чудната смрт на Винсент Фостер“ (1997), Кристофер Руди, во 2009 година засрамено призна дека во 90-тите години од минатиот век тој бил „премногу фанатичен“ и дури го нарече Бил Клинтон „голем претседател“.
Во книгата „Лов на претседателот (2000), авторите Џо Конасон и Џин Лaјонс објаснија дека повеќето од евентуалните скандали во врска со Клинтон се дело на партиски непријатели, првично мотивирани од непозната одмазда, а подоцна усвоени од националната десница. Каењето или премислувањето на Џексон, Брок, Скејф и на Руди го потврдува овој аргумент.
Меѓутоа, постои еден компликувачки фактор: Бил и Хилари Клинтон се најголеми непријатели кога станува збор за теории на заговор за нив. Овие скандали продолжуваат да избиваат бидејќи однесувањето на Клинтонови само ги зголемува сомневањата. Бил е претерано дружељубив, а понекогаш и неискрен (изјави „Јас не сум имал сексуални односи со таа жена“.).
Хилари, пак, понекогаш е преголема заштитничка на вистината и навидум воинствена кога ја притискаат за одредени факти (како за време на нејзината прес-конференција за скандалот со електронската пошта). Клинтонови имаат и навика да се опкружат со сомнителни ликови како Џејмс Мекдугал (изворот на нивните проблеми со „Вајтвотер“) и Дик Морис (кој, по раскинувањето со Клинтонови, го храни апетитот со нарушени критики за нив).
Клиф Џексон и други личности ги отфрлија своите теории на заговор, но тоа не е случај со многу други. Но, ништо од тоа што Џексон го зборува или пишува на „Фејсбук“ не може да ги убие духовите на „Трупергејт“, кои лебдат во десничарската имагинација. Всушност, сега кога Хилари е претседателски кандидат, веројатно ќе се појават многу такви духови кај конзервативците, па дури и кај главните медиуми. Од тоа како таа ќе се соочи со нив ќе покаже дали Клинтонови ќе се вратат во Белата куќа.
Извор: „Њу репаблик“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.