Синоќа во Евролигата беа одиграни двете последните средби од четврт-финалните серии.
Двократниот европски шампион од 2012 и 2013 година Олимпијакос се пласираше на заврниот турнир во Мадрид откако беше подобар со 3-1 во победи од каталонскиот гигант Барселона. Во последниот натпревар повторно јунак за грчкиот тим беше Јоргос Принтезис, кој успеа да постигне тројка во последната секунда од натпреварот.
Навивачите на Олимпијакос го паметат овој кошаркар и по финалето во 2012 година кога успеа да постигне кош, исто така, во последна секунда против ЦСКА.
Барселона во текот на целиот натпревар имаше предност и ја контролираше играта сѐ до последните две минути кога домаќините при резултат 65-61 направија серија од пет поени и го презедоа водството.
При минимално водство на Олимпијакос (68-67), Наваро реализира само едно од двете слободни фрлања и Олимпијакос го доби последниот напад за победа, а на часовникот имаше 5 секунди. Принтезис погоди тројка и го трасира патот на Олимпијакос до Мадрид.
Спанулис со 17 поени и Принтезис со 14 поени беа предводници во триумфот на Олимпијакос, додека кај Барселона, Анте Томиќ беше стрелец на 13 коша, а Саторански уфрли еден поен помалку.
Последниот патник на завршниот турнир е екипата на Реал Мадрид, која покрај Олимпијакос, ЦСКА Москва и Фенербахче е учесник на завршниот турнир кој ќе се игра токму во Мадрид.
Реал синоќа извојува трета победа против Анадолу Ефес на теренот на противникот рутинирано со 76-63. По поразот во третиот меч, „кралевите“ овојпат одиграа многу поквалитетно на гостувањето во Турција, па иако Анадолу Ефес имаше водство по првите 20 минути (39-33), сепак, избраниците на Пабло Ласо ја зацврстија одбраната кога беше најпотребно и стигнаа до триумф. Третата четвртина ја добија со осум поени разлика (10-18) и влегоа со предност во решавачкиот период.
По тројката на Руди Фернандез постигната на 30 секунди пред крајот, Реал Мадрид обезбеди веќе недостижно водство, а на крајот славеше со 63-76.
Руди Фернандез со 17 поени беше најефикасен во редовите на победничкиот тим, Серхио Љуљ уфрли 14 поени. Кај Анадолу Ефес, Ненад Крстиќ беше стрелец на 16 поени, а двоцифрен беше и Мет Џенинг (10).
Во полуфиналето Реал Мадрид ќе игра со Фенребахче, додека второто полуфинале е меѓу екипите на ЦСКА Москва и Олимпијакос.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.