Научници од повеќе држави од 1 април до 17 јуни годинава ќе ја утврдуваат точната старост и потеклото на Охридското Езеро, кое се смета за најстаро во Европа. Стручни лица во месноста Елешец забрзано ја подготвуваат платформата за големата дупчалка која наскоро ќе заплови по езерото.
– Наша главна истражувачка цел е квартенот и истражување на климатската историја и историјата на животната средина во изминатите 2,6 милиони години. Во рамките на Охридскиот проект ќе се обидеме да ги поврзeме овие наоди и наодите од биолошкото истражување (специјација – создавање на видовите), за оттука да извлечeме заклучоци, колку брзо се сменила животната средина и дали од тоа може да се изведат општи концепти за создавање на видовите – вели за Дојче Vеле главниот истражувач на проектот д-р Бернд Вагнер од Институтот за геологија и минерологија при Универзитетот во Келн, Германија.
Вагнер вели дека длабочинското дупчење ќе го покаже уделот на геолошките случувања од минатото и главните еволуциони процеси во езерото. Историјата на езерото во последниве 130.000 години потврдува дека тоа било олиготрофно, какво што е и денес, односно со ниско производство на алги и доста чисто.
Меѓународниот проект „Научна соработка за проучување на условите на специјација во Охридското Езеро“ се базира врз прелиминарните сеизмолошко – седиментолошки истражувања изведени во Охридското Езеро од 2004 до 2011 година и ќе чини 2,5 милиони американски долари.
Владата на Република Македонија финансиски не учествува во него, но ја стави на располагање вкупната логистика и кадар преку ресорните министерства и научни институции.
По истражувањето експертите ќе ги имаат и резултатите за тектонските и вулканските промени кои го поврзуваат Охридското Езеро со Италија, но и промените во климатските услови во централниот и северниот дел од Медитеранот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.