До 22 април, крајниот рок на јавниот повик за изразување интерес за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост на комбинатот „Џумајлија“, вкупно 30 компании доставиле писмо за интерес, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и за водостопанство.
Од нив 14 се странски и тоа пет од Италија, пет од Турција, по една од Германија, Шпанија, Косово и Бугарија. На повикот се јавија 15 домашни компании и една компанија со мешовит капитал. Компаниите, главно, се заинтересирани за една или за две географски целини.
Земјоделското земјиште на Џумајлија е со вкупна површина од 4.435 хектари, кои се наоѓаат во 14 катастарски општини и се групирани во четири географски целини со големина од 1.000 до 1.200 хектари.
Компаниите имаа обврска да достават бизнис план со износ на вкупните инвестиции, опис на применетите технологии, спецификација на механизацијата, и планираниот број на вработени по години.
Целта на овој повик беше да се идентификуваат заинтересираните страни и да се согледа нивниот интерес за видот на производството. По анализите на доставените планови, односно големината на инвестицијата, број на вработување и планираниот приход по единица површина, Министерството за земјоделство, шумарство и за водостопанство ќе објави јавен оглас на кој сите компании што ги исполнуваат условите (без разлика дали претходно пројавиле интерес) ќе можат да аплицираат и да учествуваат во електронско наддавање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.