| четврток, 6 декември 2018 |

Како странските влади им помогнаа на Клинтонови да се збогатат?

AFP E FACES 12 CLINTONS GOVERNMENT USA NY

Нова книга ја обвинува фондацијата „Клинтон“ на претседателскиот кандидат, Хилари Клинтон, нејзиниот сопруг Бил Клинтон и нивната ќерка Челзи за прифаќање квид про кво донации од странски извори додека Клинтон беше американска државна секретарка.

Kнигата „Парите на Клинтонови: Нераскажаната приказна за тоа како и зошто странските влади и бизниси им помогнаа на Бил и Хилари да се збогатат“ (Clinton Cash: The Untold Story of How and Why Foreign Governments and Businesses Helped Make Bill and Hillary Rich) несомнено ќе распламти едно ново ниво на остро набљудување на политичките амбиции на Хилари Клинтон, во моментов единствен кандидат за претседателската номинација на Демократската партија во 2016 година.

Кампањата на Клинтон тврди дека истрагата од 186 страници на Питер Швајцер, соработник на конзервативната институција „Хувер“ , е уште еден платена работа на десницата што се потпира на пристрасност и инсинуација.

Под лупа е ставено потеклото на парите на добротворната фондација „Клинтон“, како и надоместоците за држење говори на поранешниот американски претседател Бил Клинтон за време на четирите години кога Хилари Клинтон беше на функцијата американска државна секретарка, под администрацијата на претседателот Барак Обама.

“Ќе забележиме една шема на финансиски трансакции поврзани со Клинтонови што се случиле истовремено со поволните политички одлуки на САД во корист на тие што ги обезбедуваат финансиски средства”, Швајцер пишува во книгата, според „Њујорк тајмс“, кој предвреме добил пристап до една копија од книгата.

Во периодот помеѓу 2001 и 2012 година, приходот на Клинтонови изнесуваше најмалку 136,5 милиони долари, Швајцер пишува во книгата, повторувајќи бројка што ја објави „Вашингтон Пост“. „Пост“, „Њујорк тајмс“ и „Фокс њуз“ имаат договор со Швајцер за натамошно проширување на приказните што тој ги раскажува во книгата, објави „Тајмс“.

„За времетраењето на јавната функција на Хилари, Клинтонови извршиле и помогнале да се извршат стотици големи трансакции со странски влади и богати личности. Некои од тие трансакции им ги полнеле џебовите со милиони долари“, додава тој.

Додека Хилари Клинтон беше државна секретарка, исплатите на Бил Клинтон за неговите говори се зголемиле: „Од 13 говори на Клинтон што достигнале 500.000 долари или повеќе, само два од нив се случиле за време кога неговата сопруга не беше државна секретарка”, пишува Швајцер.

„На пример, во 2011 година, Бил Клинтон заработи 13,3 милиони долари за 54 говори, од кои повеќето се одржани во странство“, се наведува во книгата.

Брајан Фалон, портпаролот на претседателската кампања на Хилари Клинтон, изјави дека книгата на Швајцер е дел од конзервативната машина што секако ќе продолжи да ја напаѓа Клинтон со немилосрдна жестокост.

„Книгата извртува претходно познати факти во апсурдни теории на заговор и тоа нема да биде прво дело на партиски-подгреаната фикција за угледот на Клинтонови, а знаеме дека нема да биде ни последно“, вели тој.

Последните книги за политичките зделки на Клинтонови, вклучувајќи ги и книгите „Kрвав судир“ (Blood Feud) и „Клинтон Инкорпорација: смелата обнова на една политичка машина“ (Clinton Inc.: The Audacious Rebuilding of a Political Machine) се обвинуваат дека се слабо прикриени напори за напад со ниско ниво на кредибилитет. Но, „Парите на Клинтон” се потпира на обемно истражувачко новинарство со детални изворни сведоштва до даночна евиденција, владини документи и слично, објави „Тајмс“. И покрај тоа што Швајцер јасно дава до знаење во книгата дека не е фан на Клинтонови.

Ова не е прв пат да се доведат во прашање донаторите на фондацијата „Клинтон“  и нивниот однос кон најмоќното семејство во американската политика.

Како што „Раша тудеј“ објави, од 2009 до 2013 година, годината кога избувна украинската криза, фондацијата „Клинтон“ добила најмалку 8,6 милиони долари од фондацијата „Виктор Пинчук“, која е со седиште во украинскиот главен град Киев, што доведува во прашање дали донациите се обид да му се додворува на американскиот Стејт департмент. Неколку поранешни студенти на олигархската програма на Пинчук веќе дипломирале во редовите на украинскиот парламент, додека поранешниот анкетар на Клинтон отиде да работи како лобист за Пинчук во исто време кога Клинтон работеше во владата.

Според „Интернешнал бизнис тајмс“, фондацијата „Клинтон“ прифатила милиони долари од една колумбиска нафтена компанија пред тогашната државна секретарка на САД, Клинтон, да ја смени претходната позиција и да го поддржи трговскиот договор меѓу САД и Колумбија што се поврзува со кршење на човековите права. Покрај тоа, откако се финализираше договорот, Стејт департментот никогаш не ја критикуваше или презеде мерки против колумбиската влада за наводното прекршување на работничките права во нафтената компанија „Пасифик рубиалес“, објави „Интернешнал бизнис тајмс“.

Во почетокот на април, новинската компанија „МекКлатчи“ објави дека, од 2001 година, владите на Саудиска Арабија, Оман, Катар и Обединетите Арапски Емирати, кои што се озогласени поради кршење на човековите права и се поврзуваат со терористичко финансирање на Блискиот Исток, донирале околу 40 милиони долари за фондацијата „Клинтон“.

Во март, „Вол стрит џрнал“ објави дека фондацијата „Клинтон“ прифатил 68 милиони долари од елитни донатори блиски со странски влади и државни компании додека Хилари Клинтон беше државна секретарка. Клинтонови ги демантираа обвинувањата за конфликт на интереси, велејќи дека донациите се дел од коалиции за решавање на најитните проблеми во светот.

Среде растечкиот критицизам, фондацијата „Клинтон“ најави минатата недела дека ќе ја ревидира својата политика за примање донации од Германија, Велика Британија, Канада и други земји и ќе ги стави под контрола парите што доаѓаат од земјите од Блискиот Исток.

Извор: „Раша тудеј“

Превод: Ана Цветаноска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top