| четврток, 6 декември 2018 |

Велика Британија ќе помага во операциите за спасување на имигранти во Медитеранот

камерон

Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави во Лондон дека Велика Британија ќе се вклучи во потрагата и спасувањето на имигрантите од потонатите бродови во Медитеранот.

Во разговор за радио Би-БиСи, Камерон рече дека цел на британското приклучување кон операцијата е „запирање на патувањето на луѓето„ како и прекинувањето со „смртоносните товари“ при превезување на илегалните имигранти од Либија кон брегот на Европа.

Британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд, во реакцијата на Форин Офисот на големиот број жртви меѓу имигрантите во превртените и потонати бродови, рече дека „никој во Европа не сака луѓето да се дават во Медитеранот“.

Премиерот Камерон во четврток ќе отпатува во Брисел,на специјалниот Самит на земјите од ЕУ, посветен на големиот наплив имигранти од Африка и од Блискиот Исток, кои преку Либија илегално се обидуваат да се префрлат до европскиот континент, превезувајќи се во најчесто претворени и неприлагодени бродови и чамци.

Се стравува дека околу 800 имигранти се удавија во неделата во бродот што се преврте и потона кај Либија.

Минатата година ЕУ одлучи да го прекине финансирањето на италијанската програма „Маре Нострум“ за потрага и спасување на илегалните имигранти, наводно, поради незадоволство од тоа како италијанските власти се справуваат со ситуацијата, па Брисел се одлучи за една далеку помала и поевтина операција „Тритон“ која се состои само од следење и надгледување на ситуацијата во реонот на Медитеранот.

Кризата со напливот бегалци настана по насилното тргање од власт на Моамер Гадафи и неспособноста на новата власт во Триполи да воспостави контрола врз целата територија на земјата. Место тоа, Либија се уште нема централна власт, нема еден Парламент и има две влади-едната во Триполи,а другата во Тобрук.

Таквата ситација ја користат разните милиции кои организираат илегален транспорт за бегалци и имигранти, кон Европа,наплатувајќи им по илјада долари за патување до италијанскиот брег.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top