Позицијата на Европската унија за разрешница на политичките случувања е јасна, а тоа е дека мора да видиме две димензии: правна и политичка.
Ова е досега, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, најдиректната порака на еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, дадена за случувањата во Македонија, а по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски, кој беше еден од шесте премиери на балканските земји на денешната конференција за интегрирањето на копнениот, речниот и воздушниот сообраќај на Балканот во заедничката европска мрежа, како и инвестициска соработка и поддршка на ЕУ за инфраструктурните конкретни проекти важни за регионот.
Хан, додава дописникот, беше дециден дека разрешница во двете насоки е единственото нешто што Брисел го очекува да се случи во Македонија.
– Јасно е за нас дека владеењето на правото мора да се почитува и дека целосна истрага мора да се случи. Од друга страна, ја повикувам опозицијата да се врати во Парламентот и таму да има Анкетна комисија што ќе се занимава со ова прашање од политичка перспектива. Но, ова не може да значи дека кривичниот аспект на овој случај не треба да следи. Мора да видиме две димензии: кривична и политичка – дециден е Хан.
Според еврокомесарот за преговори за проширување, “позицијата на Европската унија е јасна, двете области мора да следат и да се решат на значаен, конструктивен начин”, што значи дека Унијата има јасен став за тоа како треба да се реши и случајот со објавување на нелегално стекнатите аудиоснимки од разговорите на македонскиот државен врв, како дело на агентурната мрежа на екс-разузнавачот Зоран Верушевски.
Хан, исто така, рече дека во Брисел се свесни за ситуацијата во Македонија дека денешните заклучоци на Советот за општи работи се јасни и дека има растечка загриженост меѓу земјите-членки на ЕУ за развојот на настаните во земјата.
– Европското семејство ги признава обидите на некои членови на Европскиот парламент да арбитрираат за политичко решение. Говориме за земја со европска песрспектива и како таква мора да го почитува меѓународниот и европски стандард на владеење на правото – заврши комесарот Јоханес Хан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хан: Очекувам објаснување за азилот на Груевски, се работи за кредибилитетот на Европа!
-
Мицкоски – Хан: Евро-атлантската интеграција е клучен фактор за стабилност и просперитет во регионот
-
Хан: Имате рандеву со историјата!
-
Прес-конференција на премиерот Зоран Заев и еврокомесарот Јоханес Хан (во живо)