| четврток, 6 декември 2018 |

Коѕијас и Кери разговарале и за Македонија

коѕиас

Грчко-македонските односи биле една од темите за кои разговарале грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас и американскиот државен секретар Џон Кери на синоќешната средба во Вашингтон.

– Имавме многу интересен пријателски разговор со државниот секретар на САД, Џон Кери, и со целата американска делегација. Разговаравме, пред сѐ, за економската состојба во Грција, за начините на кои, денес и во подолг временски период, САД може да ѝ помогнат на земјата од економски аспект, за потребата да има поголема доверба во грчката економија со цел зголемување на инвестициите – изјави Коѕијас.

Тој додаде дека во разговорите станало збор и за регионот и за односите со соседите.

– Исто така, зборувавме за иницијативите што се преземени од страна на грчката влада во врска со грчко-турските односи, нашите односи со Македонија, како и за состојбите во регионот и за кипарското прашање. Разговаравме за условите во нашиот регион и иницијативите кои можат да се преземат – информира шефот на грчката дипломатија.

Други детали за средбата не се соопштени, а интересно е и тоа што грчките медиуми, кои вообичаено имаат информации од „доверливи извори“, овој пат не пишуваат ништо повеќе за средбата со Кери.

Коѕијас оваа седмица е во посета на САД, во чиишто рамки в петок на 24 април во Њујорк ќе се сретне со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун и посредникот Метју Нимиц.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top