Министерството за здравство од јули минатата година почна со отворање нефролошки амбуланти во рамки на повеќе јавни здравствени установи низ државата и досега се отворени вкупно 10 нефролошки амбуланти, во кои само минатиот месец се реализирани повеќе 200 прегледи.
Прегледите во амбулантите, соопшти Министерството за здравство, се бесплатни за пациентите, а ги закажуваат матичните лекари, во зависност од потребата за натамошни специјалистички испитувања. Воедно, матичните лекари ги информираат пациентите за симптомите на хроничната бубрежна болест и потенцијалните фактори на ризик за ова заболување. Во нефролошките амбуланти се вршат анализи за процена на бубрежната функција на пациентот, и во зависност од резултатите се препорачува одреден режим на исхрана или соодветна терапија.
Целта е со нефролошките амбуланти да се овозможи рано откривање хронична бубрежна болест, што претставува главен предуслов да се спречи губењето на функцијата на бубрезите, како и да се намали дејствувањето на факторите на ризик за ова заболување.
Нефролошките амбуланти функционираат во рамки на повеќе јавни здравствени установи во државата, меѓу кои: Завод за нефрологија – Струга, Општа болница Велес, Општа болница Струмица, Клиничка болница Тетово, Клиничка болница Битола, Клиничка болница Штип, Здравствен дом Делчево, Општа болница Кочани, Општа болница Прилеп и Здравствена станица Железара.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.