Двајца од петте тинејџери што беа уапсени во Мелбурн под сомневање дека подготвувале крвави терористички напади потекнувале од Македонија, јавува австралискиот портал „Фаланга“.
Според информациите на порталот, двете момчииња биле од албанска националност, кои живееле во југоисточните делови на Мелбурн, но нивните родители биле со потекло од Битола и од Струга. Осумнаесетгодишниот Севдет Бесим е обвинет за извршување терористички акт, а второосомничениот, деветнаесетгодишно момче, засега сè уште не е изнесен пред судот. Момчињата биле родени во Австралија. Порталот пишува дека речиси цела македонска заедница во Австралија била шокирана од веста затоа што ги познавала момчињата како примерни.
Полицијата во австралискиот град Мелбурн пред неколку дена во рамки на голема антитерористичка акција, уапси пет лица на возраст од 18 и 19 години, осомничени за тероризам. Светските медиуми тогаш информираа дека двајца од уапсените се обвинуваат дека планирале терористички напад врз безбедносните служби во земјата.
Според телевизијата „Еј-Би-Си“, во рамки на антитерористичката акција полицијата извршила претрес во неколку домови во југоисточниот дел на Мелбурн.
Полицијата соопшти дека уапсените тинејџери биле поттикнати од активностите на џахадистичката група Исламска држава и дека планирале голем терориситчки напад во време на одбележувањето на стогодишнината од Битката на Галиполе во Првата светска војна, што ќе се одржи на 25 април.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.