| четврток, 6 декември 2018 |

Вонредни состаноци на Одборот на директори на Македонски телеком и Т -мобиле

телекомтелеком

Нов претседател на Одборот на директори на Македонски телеком е Панче Кралев, кој досега ја вршеше функцијата неизвршен член. Кралев е избран на функцијата на денешниот вонреден состанок  на Одборот на директори.

Одборите на директори на Македонски телеком и на Т-Мобиле Македонија денеска на вонредни состаноци донеле одлука за одобрување на спроведување на најавената интерна истрага во овие компании.

На состаноците, според соопштението од компаниите, е одобрено склучување анекс на Спогодбата за присоединување на Т-Мобиле Македонија АД Скопје кон Македонски телеком, првично одобрена и склучена на 31 октомври 2013 година.

Согласно анексот, деловните активности на Т-Мобиле Македонија, како друштво коешто се присоединува, ќе престанат заклучно со 30 јуни годинава, соопштија  денеска телекомуникациските компании.

Спогодбата за присоединување и нејзинот анекс ќе бидат предмет на конечна потврда од страна на собранијата на двете друштва, коишто треба да го одобрат присоединувањето на Т-Мобиле Македонија кон Македонски телеком, со што ТММК ќе престане да постои.

Одборот на директори на Македонски телеком на својот состанок го одобри и новиот предлог за усвојување нов статут на Друштвото, што ќе биде со примена од 1 јули годинава, по негово усвојување од Собранието на МКТ.  Претходниот предлог за нов статут на Друштвото беше составен дел на првично склучената спогодба за присоединување на ТММК кон МКТ.

– Новиот Предлог за усвојување нов статут на Друштвото произлегува од одобрувањето склучување на анексот на Спогодбата за присоединување на Т-Мобиле Македонија кон Македонски телеком, во кој се менува датумот на кој ќе престанат деловните активности на TMMK, како резултат на што се менува и датумот од кој ќе се применува новиот статут – се вели во соопштението од компанијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top