Македонија не треба да брза со усогласувањето на Законот за безбедност на храна со европската регулатива во оваа област, туку треба да ја има предвид состојбата со економијата во земјата, ова беше истакнато на денешната јавна расправа во собраниската Комисија за европски прашања, на која учествуваа и членовите на матичната Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство и на Националниот совет за евроинтеграции.
Во воведното излагање заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадинов истакна дека со Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храна се врши усогласување на домашната со регулативата на ЕУ и се допрецизираат одредбите за информациите за храната кои треба да се обезбедат за крајните потрошувачи, како и одговорностите на операторите со храна за информациите поврзани со содржината на храната, односно нејзиното означување.
– Измените се со цел да се обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на луѓето и на интересот на потрошувачите, воопшто, и да се поттикне извозот во земјите на ЕУ- рече Костадиновски.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, меѓу друго, ги посочи новините кои ги носи овој закон како што се формирање Комитет за внатрешна ревизија на официјалните контроли, воспоставување национален совет за безбедност на храна и храна за животни како и мрежа за собирање податоци и база на податоци, а се уредува и работата на лабораториите за вршењето на лабораториски испитувања и анализа на храната и храната за животни.
Професор Весна Рафајловска од Технолошко-металуршкиот факултет покрај забелешката дека доцна ги добиле материјалите за расправата, упати низа зебелешки кои треба да се коригираат во однос на преводот на европската регулатива која е вметната во законот, во однос на непрецизноста на дефинициите за храна, на несоодветната употреба на стручните термини, но и за недоречености во однос на мониторингот што треба да се врши кај храната и кој треба да ја врши.
– Законот треба да биде јасен, гласен, прецизен, точен затоа што операторите најмногу ги засега, оти тие ќе имаат најголем проблем – рече Рафајловска и побара во законот да биде вклучен нивниот факултет, односно отсекот прехранбена технологија и биотехнологија како компетентен за вршење на функцијата државен инспектор за храна.
Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ побара да не се пролонгира обврската за означување на храната која се става во промет, како и за начинот на означување, бидејќи тоа е вели во интерес на потрошувачите.
– Зошто ни е потребен подолг временски период освен она што е дадена во дефиницијата на резолуцијата до истрошување на залихите, односно додека операторите да ги потрошат сите залихи, зошто да не може да се даде тој преоден период во самиот закон и да може без проблем потрошувачите да имаат храна која што ќе биде во продавниците и на која јасно ќе бидат дадени ознаките за хранливите состојки, проетеини, витамини…Уште поважно датумот на минимална трајност. Зошто ни е потребно да го одлагаме да велиме дека не се транспонира сега туку да го одлагаме во септември 2016 година – праша Бонева.
Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија рече дека овој закон може да предизвика директни штети на македонската економија особено поради казнувањата. Според него, македонските извозници веќе се прилагодени на оваа законска регулатива така што не е нешто што не изненадува.
– Она што е за нас битно е дека ваква доследна примена без временски период во кој ќе имаме транцизија ќе предизвика штети од неколку аспекти, првенствено стока во производство на која и треба рок на производство и пласман подолг од една година. Тоа ќе го уништиме ли? Што ќе направиме со тоа производство – праша Пешев.
Укажа и на проблемот на производителите со залихите со амбалажата, која вели не се нарачува ден за ден, со производите на конзервната индустрија чиј рок на употреба е подолг од роковите зададени со законот, како и на казните кои се значително зголемени.
– Износите на казните кај малите производители се толку високи што ќе ја убиете компанијата. Тоа ни се случува и тоа е реален проблем. Една грешка и казната е толку висока што ја покрива заработката во тригодишно производство на таа компанија и таа е мртва… Македонија сега не се наоѓа во ситуација толку ригидно да ја спроведува европската регулатива. Македонија не треба стално да предничи и да биде поголем католик од папата – вели Пешев.
Марија Лончар од Организацијата на потрошувачите го поздрави носењето на законот. Оцени дека законските решенија во целост треба да се применат и да нема правилници, како и дека е потребен преоден период за негова имплементација бидејќи вели, примената ќе донесе проблеми кај операторите на храна. Таа смета, исто така, дека во Националниот совет за безбедбност на храната треба да членува и нивен претставник.
Професор Драган Даниловски од Медицинскиот факултет е задоволен што се носи ваков закон, но според него има недоречености во некои делови од законот како во однос на изборот на државни инспектори за храна и нивните надлежности во однос на тоа дали не се врши дуплирање на ингеренциите со оние на државните санитарни инспектори.
Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храна го помина првото читање во Собранието. Рокот за поднесување амандмани на законот истекува утре за кога е закажана седница на матичната собраниска комисија на која на дневен ред е второ читање на Предлог законот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.