| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува „Докувизија“ со симултана проекција на филмот „Зависник од интернет“ во пет балкански града

Скопската проекција е закажана во џебното кино во МКЦ, во 20 часот, а во исто време ќе се одржат проекции и во Призрен, Белград, Загреб и во Подгорица

zavisnik od internet

Со симултана проекција на израелско-американскиот документарен филм „Зависник од интернет“ (Web Junkie) во пет балкански градови, на 21 април, вторник, почнува „Докувизија“, партнерски проект на Балканската документарна дистрибутивна мрежа (БДДМ), во која членува и фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Скопската проекцијата е закажана во џебното кино во МКЦ, во 20 часот, а во исто време ќе се одржат проекции и во Призрен, Белград, Загреб и во Подгорица.

Секој месец еден од овие градови ќе биде домаќин на авторите на прикажаниот филм или на експерти за конкретната филмска проблематика, и ќе организира дискусии со публиката. Притоа, дискусиите ќе бидат пренесувани во живо со што ќе ѝ се овозможи учество на публиката од сите пет градови.

Темата на првата дискусија во рамки на „Докувизија“ е зависноста од интернетот, а град-домаќин е Подгорица.

На дискусијата ќе присустува и социологот Анита Ќудина од Сплит, инаку авторка на истражувачки проект за зависноста на децата од интернетот, и Радоје Церовиќ од Подгорица, психолог и комуниколог. Зависноста од интернетот не е проблем само во Кина.

zavisnik od internet1

Кина е првата земја во светот која ја прогласи „зависноста од интернет“ за клиничко нарушување. Со цел да се справат со она што наликува на најголемата општествена криза на денешницата, кинеските власти отвораат установи за детоксикација и лекување на зависноста на тинејџерите од водењето на живот онлајн. Преку неконвенционалните психолошки сесии, каде што момчињата постепено споделуваат зошто се чувствуваат поповрзани со разните гласови во сајбер-просторот отколку со семејството, филмот нуди искрен, промислен и непријатен портрет на општество во движење и на младина изгубена во технологијата, на работ на бездната отаде непознатата иднина.

Филмот ни го прикажува современиот кинески живот во мало, посматрајќи ги меѓугенерацискиот притисок и симптомите на таканаречената „доба на интернетот“.

Проектот „Докувизија“ е поддржан од Фондот за уметност и култура за Балканот (Balkans Arts & Culture Fund (BAC)).

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е основан во Скопје во 2010 година со цел да ја претстави и промовира креативната документарна филмска уметност.

Главните три цели на „МакеДокс“ се едукација на млади филмофили, ширење на етичките идеи и придонес во одржувањето и развојот на човековите права. Зачнат со ентузијазмот на една група на доку-љубители, „МакеДокс“ за само пет години успеа да прерасне во национална, регионална и светски етаблирана филмска манифестација со над 80 проекции годишно, придружена со изложби, дебати, работилници, мастер-класови и музички настани.

Шестото издание на „МакеДокс“ ќе се одржи од 20 до 26 јуни 2015 година во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top